Вевчански извори ќе се промовираат како место за екотуризам и за авантуристички туризам, а за заштита, ќе се воведе и ренџерска служба.
„Веруваме дека заштитеното подрачје Вевчански извори има голем потенцијал да биде дестинација која на посетителите ќе им нуди еко- туризам, авантуристички туризам, но и можност за заработка на локалното население преку користење на она што веќе природата во Вевчани го нуди“, изјави Стојан Лешоски, координатор на проектот од невладината организација Еко-свест.
Со проектот, ќе се промовира Вевчани како туристичка локација, која на туристите ќе им понуди традиционални производи изработени од локалното нaселение, како и запознавање на природните богатства на Вевчански извори.
„Сведоци сме на забрзана урбанизација и тотално несоодветно менаџирање на природните подрачја во земјата кои во себе чуваат скапоцен биодиверзитет. Како една од последните локации кои сè уште се недопрени, ние имаме обврска да ги чуваме Вевчанските извори, планинските убавини по патот кон врвот Церн камен и целото заштитено подрачје за идните генерации“, изјави Наум Баткоски од планинарското здружение „Церн Камен“ од Вевчани.
Ќе се изработат мапи, нова веб страница за туристите, ќе се постават информативни табли низ заштитеното подрачје и ќе се отвори инфоцентар во Општината Вевчани.
Проектот е финансиски поддржан од Програмата за заштита на природата на УНДП, со средства од Европската Комисија. Проектот започна на 1 мај 2018 и ќе трае до август 2019 година.