Златен приврзок во форма на срце, поврзан со бракот на британскиот крал Хенри Осми и Катерина Арагонска, кој траел 24 години, со векови беше изгубен, но сега е дел од постојаната поставка на Британскиот музеј. Срцето од 24-каратно злато, украсено со иницијалите на двојката во црвена боја, како и со слика од тудорската роза и дрво од калинка, беше откупено од Британскиот музеј откако беа собрани 3,5 милиони фунти за да се спречи неговата продажба на приватен колекционер. Приврзокот, симбол на нивниот брак, бил изгубен стотици години.
Во 2019 бил пронајден од лице со детектор за метал на поле во Ворвикшир, а според британските закони за богатство, музеите низ земјата имаат можност да откупат значајни историски пронајдоци пред тие да бидат понудени за јавна продажба.
Приврзокот е единственото парче накит што сè уште постои од 24-годишниот брак на Хенри со Катерина и содржи лента со напис „tousiors“ („секогаш“) на старофранцуски јазик.

Приврзокот е единственото парче накит што сè уште постои од 24-годишниот брак на Хенри со Катерина и содржи лента со напис „tousiors“ („секогаш“) на старофранцуски јазик. (Фото: ПА)
Околу 45.000 луѓе донираа вкупно 380.000 фунти, заедно со средства обезбедени од Националниот фонд за наследство и други фондови, за да се собере потребната сума, од која половина му припаѓа на пронаоѓачот, а половина на сопственикот на земјиштето.
„Овој прекрасен предмет ни раскажува дел од англиската историја за кој малкумина од нас знаеле, но во кој сега сите можеме да учествуваме“, изјави директорот на Британскиот музеј, Николас Калинан.
Се верува дека приврзокот бил изработен во 1518 година за да ја одбележи свршувачката на ќерката на Хенри и Катерина, Мери, со францускиот престолонаследник. Но, во раните 1530-ти години, Хенри се вљубил во Ана Болејн, очаен по машки наследник што ќе ја обезбеди тудорската династија.



