Горан Михајловски е постар од Интернетот, а колумната „Сакам да кажам“ е постара од независна Македонија. Првата колумна е напишана на 12 јануари 1991, на неговата прва машина за пишување купена во 1983. Објавена е точно 8 месеци пред Референдумот за осамостојување на државата. И не само тоа: „Сакам да кажам“ е најдолготрајната колумна во историјата на македонското новинарство, излегува непрекинато 35 години.
Од првата објавена во саботното издание на весникот „Вечер“, преку „Вест“ до САКАМДАКАЖАМ.МК, досега се напишани и објавени 1.825 колумни на отприлика 4.565 страници. Таа е и првата колумна која има аудиоподкаст, а ја чита лично авторот.
„Во ‘Вечер’ ја имав таа среќа да имам либерални уредници што ми дадоа шанса да си кажувам што сакам да кажам во секое саботно издание.’Сакам да кажам’ продолжи да живее во ‘Вест’, весникот што го основав во 2000 година и на кој сум посебно горд. Од 2016 колумната излегува секој петок навечер во САКАМДАКАЖАМ.МК, а јас, вака постар од Интернетот, ги совладувам предизвиците на дигиталната ера и се трудам да ме има секаде на дигиталните платформи“, вели Михајловски во роденденското видео.
Популарна и почитувана низ целиот јавен спектар, „Сакам да кажам“ е ризница во која е забележана современата историја на земјава и е повеќе од новинарски производ – колумната е архивски документ, кој е широко достапен за сите генерации.
„Често велам дека ова не е исклучиво моја колумна. Ова се белешки што ги дискутираме во редакција, ги фаќам кога ќе ги слушам од блиски луѓе, пријатели, познаници, колеги, случајни минувачи, а неколку од моите блиски пријатели и колеги заслужуваат медал за трпение кои ме трпат секој петок и ми помагаат да истрајам во ова што го правам дури и кога сум имал тешки моменти… Често знам да кажам дека ги мразам петоците. Ама, изводам. Сепак е голема привилегијата не само да живееш во историски моменти кога се правела државата, не само да бидеш и дел од таа историја, туку и да пишуваш за тоа, да имаш каде да го кажеш тоа што сакаш да го кажеш. И така 35 години. Каде бевме, каде дојдовме. Можеби ништо не се менува, ама сепак колумната останува“, вели Михајловски во јубилејната колумна и додава:
„И секој петок кога ќе седнам да ја пишувам, ја имам истата трема како што ја имав како новинар почетник на 12 јануари 1991“.
М. КОСТОВА
(Видео: А. Маркоски, снимател – Ј. Пауноски, продуцент и монтажер)



