Основниот кривичен суд Скопје му изрече казна затвор од 12 години на Васил Јованов, откако тој на претходното рочиште призна вина за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. 21-годишниот Јованов ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова во јануари годинава, на печачки премин на „Партизанска“ во Скопје.
Судијката Снежана Марковска, при објавувањето на пресудата, рече дека ги зела предвид олеснителните околности како признанието на вина, младоста и каењето на обвинетиот, но и отежнителните, меѓу кои претходна осуда за трговија со дрога, повеќе сообраќајни прекршоци и загубата на младиот живот.
Според пресудата, Јованов без возачка дозвола, под дејство на алкохол и на црвено светло удрил во Кулакова, која поминувала на зелено светло, при што таа починала на лице место. Покрај затворската казна, Јованов доби и забрана за управување возило од пет години, како и парична казна.
Пресудата е неправосилна и Јованов има право на жалба.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривичното дело Предизвикување општа опасност, бидејќи му дозволувал на синот да управува возило без возачка дозвола.