13 ПРИЈАВИ ЗА НЕПОТРЕБНИ ОПЕРАЦИИ СТИГНАЛЕ ДО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО, СТРАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЌЕ ДОЈДАТ ПОСЛЕ ИЗБОРИТЕ, РЕЧЕ АЛИУ

    13 ПРИЈАВИ ЗА НЕПОТРЕБНИ ОПЕРАЦИИ СТИГНАЛЕ ДО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО, СТРАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЌЕ ДОЈДАТ ПОСЛЕ ИЗБОРИТЕ, РЕЧЕ АЛИУПремиерот Христијан Мицкоски, министерот Алиу и д-р Кедев на денешната промоција на хибридна сала на Клиниката за кардиохирургија. (Фото: К. Попов)

    Стручната комисија на Министерството за здравство ги заврши осумте предмети кои пристигнаа за кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во државата, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу. Тој на крајот на август ја формираше Комисијата откако кардиохирурхот д-р Сашко Кадев обвини за непотребни операции во приватното здравство.

    „Во вторник, Комисијата ќе продолжи со работа по новите пет пријави“, рече Aлиу, по посетата на Клиниката за државна кардиохирургија, за промоција на надградена хибридна сала во оваа установа. „Нашата Комисија вчера имаше состанок, заврши со осумте случаи. Имаме уште пет други, ќе продолжи во вторник. Надворешните експерти ќе дојдат кога ќе бидеме подготвени, не се правно договорени зашто имаме законски пречки. По изборите ќе се потпише договорот со нив“, кажа Алиу.

    Директорот на Клиниката за кардиохирургија д-р Дејан Димитровски рече дека тој  не ги селектирал  случаите.

    „Не учествував во селекцијата. Инаку, се работи за пациенти кај кои е направена коронарографија, дијагностичка процедура пред изведување оперативен зафат и контрола, коронарографија по операцијата при што се гледаат одредени неправилности“, кажа Димитровски.

    Интерната комисија е составена од врвни екперти во областа, правници и економисти, меѓу кои д-р Васил Папестиев од Клиника за кардиохирургија, д-р Билјана Зафировска и д-р Иван Василев од Клиника за кардиологија, д-р Мишел Андонов и д-р Илир Вела од Клиника за торакална и васкуларна хирургија, д-р Ненси Лозанче од Клиничка болница Битола, д-р Валон Асани од Клиничка болница Тетово, д-р Никола Христов од Клиника „Жан Митрев“, д-р Жарко Христовски од „Аџибадем Систина“, како и претставници од ФЗОМ д-р Ана Митевска и д-р Жаклина Крстевска, Стефанка Петковска, правник и претставници од Министерство за здравство д-р Александар Митов, Стојанчо Стојковски и Бахар Љама.

    Во авгутст,  Министерството за здравство испрати допис до јавните здравствени установи да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции за периодот јануари 2022 – август 2025 година за извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки/васкуларни операции.

    Комисијата беше формирана по изјавата на кардиохирургот д-р Кедев во интервју за Канал 77, дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и непотребни стентирања и операции. Тој не спомна по име ниедна болница. По изјавата, приватната болница „Аџибадем Систина“ побара од него да прецизира за која установа се однесуваат овие тврдења, предупредувајќи дека ако тоа не го стори, ќе поднесе тужба за клевета и нарушување на угледот.

    Кедев на 20 август објави дека добил најава за тужба од „Аџибадем Систина“, и кажа дека дека тоа ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство.

    „Најголем дел од мојата консултативна работа е да ги одвратам луѓето од непотребни интервенции. Се соочуваме со непотребни постапки во приватни установи, кои се профитно ориентирани. Имаме докази дека одредени центри би требало да се затворат од медицински аспект“, изјави Кедев.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира