16 ГОДИНИ НЕ Е АЖУРИРАНА ЛИСТАТА ЗА ЗАБРАНЕТИ СУПСТАНЦИ ВО КОЗМЕТИЧКИТЕ ПРОИЗВОДИ, А НЕ СЕ ИСПИТУВААТ НИ ДЕТСКИТЕ ИГРАЧКИ, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОР

    16 ГОДИНИ НЕ Е АЖУРИРАНА ЛИСТАТА ЗА ЗАБРАНЕТИ СУПСТАНЦИ ВО КОЗМЕТИЧКИТЕ ПРОИЗВОДИ, А НЕ СЕ ИСПИТУВААТ НИ ДЕТСКИТЕ ИГРАЧКИ, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОРРевизорот вели дека оваа листа е донесена во 2010 година и до денот на ревизијата не е ажурирана ниту еднаш, што не ја следи праксата на ЕУ чија листа на забранети супстанци во козметичките производи во истиот период повеќекратно е ажурирана, а до денот на ревизијата брои 1.751 забранети супстанции. (Фото: К. Попов)

    Шеснаесет години не е ажурирана листата за забранети супстанци во козметичките производи кои се пуштени во промет на територија на Македонија, а ниту една лабораторија нема опрема за испитување на забранети супстанци (фталати и бор) во детските играчки кои се увезуваат и пуштаат во промет на територијата на државата, се вели меѓудругото во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) кој изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Државниот санитарен и здравствен инспекторат на сметката на буџет од самофинансирачки активности.

    Во извештајот стои дека согласно член 5 од Законот за безбедност на козметички производи, од министерот за здравство е донесена листа на супстанции што не смеат да бидат користени во козметичките производи, во која како забранети, делумно забранети или времено дозволени се наведени околу 1.600 супстанции.

    Ревизорите велат дека оваа листа е донесена во 2010 година и до денот на ревизијата не е ажурирана ниту еднаш, што не ја следи праксата на ЕУ чија листа на забранети супстанци во козметичките производи во истиот период повеќекратно е ажурирана, а до денот на ревизијата брои 1.751 забранети супстанции.

    „Поради тоа, постои ризик да се стават во промет производи кои содржат супстанци за кои на територија на ЕУ е утврдено дека се штетни по здравјето, а истите да не се забранети на територијата на нашата држава. Оваа состојба е настаната од причина што во Законот за безбедност на козметичките производи не е предвидено обврска за ажурирање на Листата на супстанции кои не смеат да се користат во козметичките производи како и нејзино усогласување со Европската листа“, наведува ДЗР.

    Државниот ревизор потенцира дека е потребно Министерството за здравство во соработка со Инспекторатот и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) да преземат активности за редовно ажурирање на листата на  супстанции што не смеат да бидат користени во козметичките производи, со цел нејзино усогласување со листата на ЕУ и да иницира измени на Законот за безбедност на козметичките производи со кои ќе се востанови законска обврска за нејзино навремено ажурирање и усогласување.

    Во вршење на инспекцискиот надзор, инспекторот е овластен да зема примерок (мостри) заради утврдување на постоење или непостоење на некој битен факт во врска со здравствената исправност на козметичките производи, предметите за општа употреба и другите предмети.

    „Сметаме за потребно да истакнеме одредени состојби кои влијаат на квалитетот на вршење на инспекцискиот надзор при земање на примерок. Имено, Инспекторатот доставил известување до Министерството за здравство во кое наведува дека: ‘Во рамки на државните лаборатории не се обезбедени услови и техничка опременост за испитување на сите забранети супстанци во козметичките производи’ чиј број согласно листа донесена од министерот изнесува околу 1.600 супстанци.  Согласно информациите добиени од Инспекторатот, ИЈЗ врши само ограничен број анализи и тоа: микробиолошка исправност на производите, определување на содржина на само неколку тешки метали (кадиум, олово, никел и хром), PH вредност и определување на содржина на површинско активни материи, а додека пак неколку, од вкупно 10 центри за јавно здравје распоредени на целата територија на државата, се опремени да вршат само контрола на микробиолошка чистота на козметички производи. ‘Ниту една лабораторија нема опрема за испитување на забранети супстанци (фталати и бор) во детските играчки кои се увезуваат и пуштаат во промет на територијата на државата, а во ИЈЗ се вршат одредени испитувања за безбедноста на детските играчки (миграција на тешки метали, специфична миграција на природни ароматични амини и испуштање на боја).   При пуштање во промет на детски играчки, во случај кога субјектот на надзорот би ги оспорил резултатите од првиот примерок  што како право е утврдено со член 29-б од Законот за санитарната и здравствената инспекција, на територијата на државата покрај ИЈЗ не постои уште една лабораторија која би ги спровела испитувањата. Поради наведеното не се обезбедени услови за извршување на постапката во целост бидејќи анализата на вториот примерок не може да се довери на истата лабораторија“, се вели во извештајот.

    Државниот ревизор потенцира дека е потребно Министерството, во соработка со ИЈЗ и Центрите за јавно здравје  да преземат активности за опремување на лаборатории со соодветна опрема со која ќе се овозможи испитување на што поголем број забранети и штетни супстанци во производите и оневозможување истите да бидат пуштени во промет во државата

    Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека се постапува според забелешките на ДЗР.

    „Во однос на постапката за увоз на детски играчки, козметички производи и предмети за општа употреба и забелешката за сертификатите за безбедност кои се приложуваат при увоз, веќе се отпочнати иницијални преговори со релевантните чинители за изнаоѓање на заедничко прифатливо рашание со цел да се надмине овој проблем“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира