Специјалното јавно обвинителство (СЈО) попладнево соопшти дека ја поднело жалбата до Апелацискиот суд во Скопје против одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, со која мерката притвор на началникот на петтата управа на УБК, Горан Грујовски, првоосомничен во случајот „Тврдина“ е заменета со куќен притвор.

„Вложена е жалба против решението на Кривичниот совет со кое е преиначено решението на судијата на претходна постапка и на првоосомничениот во случајот „Тврдина“ му е иэречена мерка куќен притвор. Ова од причина што според ова Јавно обвинителство постојат околности кои укажуваат на неопходноста на мерката притвор и на тоа дека целта эаради која беше определена мерката притвор не може да се исполни со поблага мерка“, стои во соопштението на СЈО.

Портпаролката на СЈО, обвинителката Ленче Ристовска за „Мета“ изјави дека Кривичниот совет ги прифатил наводите дека е неопходно да се обезбеди присуството на осомничениот, но сметал дека тоа може да се направи со поблага мерка.

– Во жалбата ние даваме појаснување зошто сметаме дека треба да остане одлуката за одредување на мерката притвор – вели Ристовска.

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 вчера на седница донесе одлука со која го преиначил решението на судијата на претходна постапка и мерката од 30 дена притвор против началникот на петтата управа на УБК ја замени со куќен притвор.

Апелацискиот суд треба да ја донесе конечната одлука дали Грујовски ќе остане во притвор или пак ќе го потврди решението на Кривичниот совет за куќен притвор. Дотогаш осомничениот останува во притвор, во затворот Скопје.

Грујовски и уште четворица осомничени во случајот „Тврдина“, меѓу кои и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, се товарат дека минатата година ги уништиле системите од незаконското следење на комуникациите, вредни 10 милиони евра.