Од 300 до 350 нови лица годишно почнуваат со хемодијализа, рече денеска директорот на Клиниката за нефрологија, д-р Никола Ѓорѓиевски, на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот и 50 години од основање на Клиниката.
„Затоа апелираме да ја подигнеме свеста за превенција, бидејќи само со превенција може да го успориме процесот на прогресија на хроничната бубрежна болест, со нови иновативни лекови, да делуваме кон подобро третирање на дијабетот и на хипертензија, бидејќи претставуваат водечка причина за развојот на хроничната бубрежна болест. Во иднина треба да работиме што повеќе да го зголемиме бројот на бубрежна трансплантација, бидејќи бубрежната трнсплантација овозможува квалитетен живот, целосна социоекономска рехабилитација и исто така, еден од најевтините начини на лекувње на оваа ранлива група“, кажа директорот, додавајќи дека на хемодијализа одат и постари, но и помлади луѓе, што значи дека „нема ограничување во однос на раса, возраст, пол, нација“.
Директорот рече дека вкупно 1.600 пациенти во земјава одат на хемодијализа. Околу 170 лица чекат бубрежна трансплантација.
Тој кажа дека вчера била изведена бубрежна трансплантација од починато лице и се заблагодари до семејството на донорот, кое се одлучило да ги донира органите и да спаси нечиј живот.
„Сите заедно треба да работиме на подигнување на свеста за органодарителство, бидејќи органодарителството и трансплантацијата претставуваат најдобар начин на лекување. А исто така ќе го заштитиме и финансискиот товар што го прават овие пациенти во државата“, додаде Ѓорѓиевски.
Од минатата година на оваа клиника започна третман на пациенти со нови иновативни лекови со цел да се успори прогресијата на хроничното бубрежно заболување и да се одложи почетокот со хемодијализно лекување.
„Исто така, во изминатиот период за првпат во државата се организира скрининг за пациентите со ретки болести, бидејќи раното поставување на дијагнозата е придобивка за сите. Веруваме дека со здрава нација ќе имаме здрава држава, а тоа значи стабилност, напредок и просперитет за сите граѓани. Во иднина, нашата цел е јасна – обезбедување квалитетна, навремена и современа здравствена заштита. Со почит кон минатото, со одговорност во сегашноста и со амбиција за иднината, продолжуваме да ја градиме оваа институција – не само како место на професионален раст, туку и како заедница што остава траен белег“, рече Ѓорѓиевски.