СО 4,3 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИПА ФОНДОВИТЕ ЌЕ СЕ ЗАШТИТУВА ПРИРОДАТА ВО МАКЕДОНИЈА

    СО 4,3 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИПА ФОНДОВИТЕ ЌЕ СЕ ЗАШТИТУВА ПРИРОДАТА ВО МАКЕДОНИЈАСо проектот е планирано да се доделат 20 грантови на управувачите со заштитени подрачја, општините и граѓанските организации, за активности кои ќе ја подобрат заштитата на природата.

    Подобра заштита на природата и одржливо користење на природните ресурси се дел од основните задачи кои треба да се постигнат со проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, кој е финансиран од Европската унија.

    „Државата веќе има прогласено 86 заштитени подрачја кои покриваат девет проценти од нејзината територија, а многу други локации во моментов се разгледуваат. Но, многу од овие области се изложени на неконтролираната експлоатација и деградација, преку штетни човечки практики, како што се нелегално сечење, депонирање на ѓубре и изградба. Со буџет од 4,3 милиони евра обезбедени од европските фондови, нашиот нов проект е дизајниран да помогне заштитата на природните ресурси од хартија да се спроведе во секојдневната практика“, рече Луиза Винтон постојан претставник на програмата за развој на ОН.

    Со проектот е планирано да се доделат 20 грантови на управувачите со заштитени подрачја, општините и граѓанските организации, за активности кои ќе ја подобрат заштитата на природата, а ќе придонесат за благосостојбата на локалните заедници. Вредноста на грантовите се движи од 50.000 до 400.000 евра. Јавниот повик за предлог проекти е отворен на 4 декември, а крајниот рок за поднесување е 29 декември годинава.

    „Преку внимателно дизајнирани активности, ќе се покаже со конкретни примери и практични активности на терен како да се подобри управувањето со заштитените подрачја. Со ова ќе се почне суштинска трансформација на начинот на кој државата управува со своите природни ресурси, преку создавање на примери, кои постојано се унапредуваат, можат да се применуваат и на други места и јасно ја демонстрираат општествената и економска корист што произлегува од добрата заштита на природните ресурси“, рече Јани Макрадули заменик министер за животна средина.

    Проектот е финансиран преку ИПА 2 програмата на ЕУ за секторската оперативна програма за животна средина и климатска акција 2014-2020.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира