42-ГОДИШЕН РИБАР ОД ВЕЛЕС ЗАРАЗЕН СО КОНГО-КРИМСКА ТРЕСКА, ВЕТЕРИНАРИ И ЕПИДЕМИОЛОЗИ ЈА ИСПИТУВААТ ОКОЛИНАТА НА ВАРДАР

    42-ГОДИШЕН РИБАР ОД ВЕЛЕС ЗАРАЗЕН СО КОНГО-КРИМСКА ТРЕСКА, ВЕТЕРИНАРИ И ЕПИДЕМИОЛОЗИ ЈА ИСПИТУВААТ ОКОЛИНАТА НА ВАРДАРПод медицински надзор, освен неговото семејство, се и пет здравствени работници од Велешката болница. (Фото: СДК.МК)

    Четириесет и двегодишен велешанец е третиот пациент заразен со конго-кримска треска (ККТ), кој наверојатно се заразил при рибарење во велешката околина, рече денеска директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стеваноовиќ. Случајот на велешанецот не е поврзан со двете пациентки, првата, 27-годишната жена од Штипско, која почина на 30 јули, и втората, болничарка вработената на Инфективна клиника, која се зарази од неа. Болничарката, како што кажа Стевановиќ, е стабилна, опоравувањето е во тек, лекарите не очекуваат компликации и се надеваат дека така ќе заврши нејзината болест. Таа беше лекувана со антивирусниот лек „рибавирин“.

    За велешанецот, Стевановиќ рече дека бил примен на Клиниката во саботата како суспектен пациент од Велешката болница и анализите во текот на ноќта потврдиле дека се работа за конго-кримска треска. Тој пет дена се жалел на покачена темпертура, главоболка, мускулни болки и побарал лекарска помош.

    „Можниот начин на заразување е рибарењето, покрај дел на Вардар каде има доста влага, висока трева, треска. Епидемиолози, ветеринари, служби од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Факултетот за ветерина се на терен за заловување на инсекти и нивно испитување. Очекуваме до вечер да имаме резултати и утре Комисијата за заразни болести да ги разгледа сите детали“, кажа д-р Стевановиќ.

    На новинарско прашање дали бил каснат од крлеж, таа рече дека крлежот ја пренесува оваа треска, ама пациентот свесно не се сеќава дали бил каснат, но има рана која наведува на тоа. Конго-кримската треска, рече таа, ја пренесува крлеж, но може и да се пренесе преку несоодветно третирано млеко или месо од заразени животни, и најчесто се јавува кај сточари, риболовци, ловџии и здравствени работници.

    Под надзор се неговото 4-члено семејство и пет здравствени работници од Велешката болница.

    „Со оглед на тоа дека е топло време, сакам да апелирам до рибарите, да носат високи чизми и светла облека, исто и ловџиите, како и планинарите. Здравствените работници да не го заборават основниот редовен протокол за заштита. Засега тоа е доволно“, рече директорката.

    Од Инсттитутот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ е во комуникација со Центарот за јавно здравје Велес и ја следи состојбата, а доколку има промена, соодветно ќе информира.

    Вирусот се пренесува на човек пред сèод крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачевини, органи или други телесни течности на заболените лица. Болеста е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија. Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира