42-ГОДИШНИК СПАСЕН НА КАРДИОЛОГИЈА СО ИНТЕРВЕНЦИЈА КОЈА ЗА ПРВПАТ СЕ ИЗВЕДУВА НА КЛИНИКАТА

    42-ГОДИШНИК СПАСЕН НА КАРДИОЛОГИЈА СО ИНТЕРВЕНЦИЈА КОЈА ЗА ПРВПАТ СЕ ИЗВЕДУВА НА КЛИНИКАТАОперацијата ја извел тимот од двајца интервентни кардиолози д-р Жан Зимбаков и д-р Оливер Бушљетиќ, васкуларен хирург д-р Мишел Андов и анестезиологот Стефанија Ханџиска. (Фото: Министерство за здравство)

    Тим лекари на Клиниката за кардиологија за првпат самостојно изведе стентирање на трауматска трансекција на торакална аорта кај 42-годишен пациент. Како што велат од Министерството за здравство, на пациентот му било дијагностицирано раскинување на ѕидот на градната аорта, по сообраќајна незгода со повеќе скршеници на коски и повреда на белите дробови. Ова, велат оттаму, претставува животнозагрозувачка повреда која носи ризик од масивно крварење, без можност за прекин, поради што смртноста е скоро 100 отсто.

    Итно бил организиран тим од двајца интервентни кардиолози, д-р Жан Зимбаков, директор на Клиниката, и д-р Оливер Бушљетиќ, васкуларен хирург д-р Мишел Андов и анестезиологот Стефанија Ханџиска.

    „Стентирањето на аортата, успешно го изведуваме при аневризми (проширувања) на дел од градната и стомачна аорта. Тоа ни овозможи да ја примениме оваа техника и кај вакви итни состојби, кои се со висока смртност. Овие процедури, заедно со ТАВИ процедурите (нехируршко поставување на аортна валвула), стентирањето на артериите на вратот и нозете, се дел од секојдневната работа на клиниката, со голема бројка на интервенци. Тоа е неопходно и основно, пред многу други работи, за да се постигне висок квалитет и успех кај овие процедури“, изјави д-р Зимбаков.

    Од Кардиологија велат дека во нивната ангио-сала, кај пациентот во целосна анестезија била направена хируршка препарација на артерија на ногата, со што се отвора место во артеријата за да се внесе посебен вид стент обложен со материјал.

    „Стентот со дијаметар 30 мм и должина 200 мм беше поставен веднаш после артерија субклавија, односно артеријата која носи крв во левата рака и главата. Сложеноста на оваа процедура е позиционирањето на стентот. Тој треба да го покрие раскинувањето на ѕидот на аортата, кое беше на самиот отвор на артеријата за раката, но притоа стентот да не го прекине протокот на крвта за раката и главата. Процедурата помина уредно, со целосно покривање на оштетувањето на аортата и со зачуван проток кон раката и главата. Артеријата на ногата хируршки беше ‘сошиена’, а пациентот успешно разбуден после анестезијата“, велат од Кардиологија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира