АДВОКАТКАТА ТРЕБАЛО САМО ДА ПУШТИ ТУЖБА ДО ГРАЃАНСКИ СУД, А НЕ ДА ОДИ ДО ВРХОВЕН ЗА СЛУЧАЈОТ НА ПОКОЈНИОТ ТОНИ САЛИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ТУПАНЧЕСКИ

    АДВОКАТКАТА ТРЕБАЛО САМО ДА ПУШТИ ТУЖБА ДО ГРАЃАНСКИ СУД, А НЕ ДА ОДИ ДО ВРХОВЕН ЗА СЛУЧАЈОТ НА ПОКОЈНИОТ ТОНИ САЛИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ТУПАНЧЕСКИМинистерот за правда Никола Тупанчески (Фото: Министерство за правда)

    По обвинувањата на адвокати за негативни искуства со Министерството за правда откако ќе пружат бесплатната правна помош на ранливи категории граѓани, и дека не само што не им ги исплаќа трошоците, туку и целиот товар го турка на грбот на сиромашните, реагираше Министерството кое вели дека мора да се придржува кон Законот за бесплатна правна помош.

    „Во однос на наводите на адвокатка, дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во Министерството за правда, ве информираме дека за тоа прашање постојат надлежни институции каде засегнатите страни може да се обратат“, вели Министерството во дописот до САКАМДАКАЖАМ.МК, по објавениот текст во кој адвокатката Александра Илиева-Милчова тврди дека раководителката на Одделението за бесплатна правна помош ѝ побарала услуга, поткуп, да прифати бесплатно да води нејзин предмет, што друг адвокат што ѝ го застапувал исто така без пари, го изгубил пред суд.

    Во дописот Министерството за правда не кажува дека ќе го испита коруптивниот случај. Нема коментар на нејзините тврдења дека штом повела спор за трошоците што ги платила од свој џеб, министерот Никола Тупанчески веднаш ја избришал од Регистерот на адвокати за бесплатна правна помош (БПП).

    Дописот главно е посветен на адвокатката на матурантот што почина без матичен број Тони Сали, Тамара Славеска-Апостоловски, која истера правда за момчето пред Врховниот суд, иако постхумно. Да беше жив, неговиот татко ќе го докажеше татковството пред Граѓанскиот суд, кој пред да почине, го откачи како ненадлежен суд за татковство. Врховниот суд пресуди дека токму Граѓанскиот суд е надлежен, но веќе беше доцна. Направените трошоци во прв, втор и трет степен (во Врховен суд), Министерството не ѝ ги плаќа на Славеска-Апостоловски, министерот ја брише и неа од Регистерот, оној момент кога таа покренува постапка против Министерството за правда пред Управниот суд.

    Министерството за правда во дописот до САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека Славеска-Апостоловски излегла од ингеренциите и од она што ѝ било одобрено да го застапува и не соработувала со Министерството за преземените чекори, нешто што изрично го бара Законот за бесплатна правна помош.

    „Во членот 32 е определено дека: ‘назначениот адвокат е должен секундарната правна помош да ја дава на корисникот единствено за правната работа конкретно наведена во потврдата или решението со кое е одобрена секундарна правна помош’. Во членот 29 стaв 5 алинеја 2 се определува дека ако aдвокатот не соработува со Министерството за правда при давање на секундарна правна помош, Министерството со решение ќе го избрише Адвокатот запишан во регистарот. Во конкретниот случај на адвокатката Тамара С. Апостоловски, во два наврата ѝ била дадена можност да застапува странки кои поднеле барање за секундарна правна помош. Во првиот случај, лицето Тони Сали (кој сега е покоен), се обратил за правна помош во подрачното одделение Кисела Вода со искажување на проблем дека не е запишан во матична книга на родени и дека нема лична карта со што поднел барање за секундарна правна помош на 29.09.2020 година. Подрачното одделение ја овластило адвокат Тамара Апостоловски да го застапува во управна постапка пред Управата за водење на матични книги. Наспроти даденото овластување, адвокатката Тамара А. Славеска, наместо да води управна постапка пред УВМК, таа поднела тужба во Основен граѓански суд Скопје за утврдување на татковство“, наведува кабинетот на министерот Тупанчески.

    А според адвокатката, сега покојниот Тони Сали имал одобрување од Министерството не само за управна, туку и за граѓанска постапка.

    „Во меѓувреме лицето Тони Сали починал, а адвокатката поднела барање за трошоци до Министерството за правда, од кое е утврдено дека се премногу високи и за дејствија надвор од она што е определено со гореспоменатата потврда“, вели кабинетот.

    „Зарем јас да ја оставам странката на цедило? Да не треба да прашуваме за секој чекор: ‘Добар ден, јас денес поднесов тужба. Ќе може министре да одам на рочиште, или да ја оставам сама странката. Ќе може да ја застапувам пред Апелација, или да ја откачам оти немам дозвола од вас? Тоа ли е помош на ранливи категории? Никаде во Законот нема дека бесплатна правна помош се обезбедува само во прв степен“, предупредува адвокатката.

    Впрочем и во дописот Министерството тоа го нагласува.

    „Секундарната правна помош се определува и дозволува во три постапки и тоа: 1. Ѓраѓанска/парнична постапка пред суд; 2.Управна постапка – постапка пред Центар за социјална работа, Управа за водење матични книги и др.државни органи. 3.Управен спор“. Никаде не пишува дека БПП следува само во прв степен, само за тужби.

    Понатаму Министерството наведува:

    „Во Трошковникот адвокатката ги зголемила трошоците за 100% бидејќи, мајката на Тони Сали била со бугарско државјанство и покрај фактот што од нејзините адресни податоци и лична карта се гледа дека таа од 1990 година е со адреса на живеење во Скопје, односно повеќе од 20 години живее во Република Северна Македонија, но за адвокатката таа едноставно била ‘странец’“.

    Мајката на Тони Сали е бугарска државјанка. Таа до денеска нема македонско државјанство и за неа Адвокатската тарифа пропишува повисок тарифник за трошоци, како за странци. Целата постапка одеше преку неа, бидејќи биолошкиот татко Управата за водење матични книги не му го признаваше на Тони, а Тони немаше матичен број, лични документи и државјанство, за да биде носител на постапките пред суд. Патем, неа долго време не ѝ беше продолжена личната карта.

    „Одделението за бесплатна правна помош при Министерството за правда констатираше дека адвокатката ги пречекорила дадените овластувања. Адвокатката не била задоволна од решението на Министерството за правда и повела управен спор“, наведува кабинетот на Тупанчески.

    Во вториот случај кога ѝ била дадена можност за секундарна правна помош, таа повторно ги пречекорила овластувањата, смета Министерството.

    „Имено, Лицето Р.К од Скопје на 08.02.2021 година поднело барање за секундарна правна помош, односно да ѝ се назначи бесплатен адвокат за поднесување тужба и застапување во работен спор поради добивање дисциплинска мерка – парична казна.
    Овластеното службено лице на Министерството за правда во подрачното Одделение Кисела Вода по извршената проверка на доставената документација, одлучило дека барањето треба да се одобри во итна постапка бидејќи роковите биле кратки, односно рокот за дејствување во конкретната правна работа бил 15 дена. Со Потврдата за одобрување на секундарната правна помош во итна постапка барателот се здобил со право во итна постапка, за поднесување Тужба до надлежен граѓански суд. Постапувањето во итна постапка за бесплатна правна помош, ги ограничува можностите на адвокатите, односно на адвокатот во самата потврда дадена од подрачното одделение му било дадено конкретно овластување само за едно дејствие, т.е. адвокатката Тамара С. Апостоловска требало да напише само тужба. Ова е од причина за запазување на кратките рокови, во конкретниот случај за поднесување тужба во законскиот рок. Наспроти тоа адвокатката без да се консултира/соработува со Министерството за правда, освен што поднела тужба до Основен Граѓански суд, поднела и поднесок до судот во кој се произнесува за наводите на одговорот на тужба (кој воопшто не бил потребен, кој судиите не го признаваат) и го тарифирала како образложен поднесок со сума од 9.100,00 денари, исто како и за тужбата“, се наведува за вториот случај.

    „Апостолоски побарала уште една информација од Државниот трудов инспекторат. До судот доставила уште еден поднесок со кој доставила дополнителни докази, го тарифирала со сума од 9.100,00 денари, за на крај да ја повлече тужбата, бидејќи странките се спогодиле, а адвокатката поднела трошковник до Министерство за правда во износ од 37.128,00 денари. Министерството за правда ѝ исплатило само за состав на еден поднесок – тужба, сума од 6.370,00 денари, бидејќи не може да отстапи од рамките на Законот и она што е дадено како овластување во самата потврда, според која ѝ било дадено овластување само за првичното (итно) дејствие“, е видувањето на Министерството.

    За овој случај адвокатката веќе објасни како спротивната страна го признала барањето и се спогодила со нејзината странка.

    „Јас странка не оставам на цедило. Ќе се обратам ако треба и на Марс за да ѝ пружам квалитетно застапување, нека е и најранлива и најсиромашна. Не може министер на адвокат да му кажува како да работи. Ова е недозволиво! Ние имаме обврски, одговорност и етика кон странките. Како мисли Министерството за правда, по поднесување на тужба ние да се изгубиме и странките повторно да бараат бесплатна правна помош за застапување пред суд?“, прашува Славеска-Апостоловски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира