АЛФИТЕ ИМАА „ОПЕЛ ВЕКТРА“ ВИШНА БОЈА, А НЕ „ОПЕЛ ОМЕГА“, СО КОЈА ИЗБЕГАА ДВАЈЦАТА ГЛАВНИ ОБВИНЕТИ ВО „МОНСТРУМ“, ТВРДИ СИНИША АЛЕКСОВСКИ, СОВЕТНИК НА ИВАНОВ

    АЛФИТЕ ИМАА „ОПЕЛ ВЕКТРА“ ВИШНА БОЈА, А НЕ „ОПЕЛ ОМЕГА“, СО КОЈА ИЗБЕГАА ДВАЈЦАТА ГЛАВНИ ОБВИНЕТИ ВО „МОНСТРУМ“, ТВРДИ СИНИША АЛЕКСОВСКИ, СОВЕТНИК НА ИВАНОВПо Сашо Мијалков, на денешното судење за „Монструм“ сведочеше Синиша Алексовски, советникот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. (Фото: К. Попов)

    Синиша Алексовски, советник на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, за убиството на четирите момчиња и рибарот кај Смиљковско Езеро дознал од личниот телохранител на сопругата на Ѓорге, Маја Иванова, Оливер Наќевски. Тој бил разузнавач во 2012 година и службениот линк на МВР со претседателскиот кабинет.

    На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи, тој потврди дека во 2015 година откако почнале да се пуштаат бомбите во јавност, се сретнал со родителите на жртвите, во присуство на Иванов, по повод изразените сомневања на лидерот на СДСМ Зоран Заев за сторителите на масакрот, што произлегле од бомбите што ги поседува за „Монструм“.

    Средбата била на иницијатива на родителите, се случила во кабинетот на Иванов.

    Неформална средба со родителите Алексовски имал во домот на Оливер Наќевски, чичко на убиениот Александар Наќевски. На средбата го информирале за средбата на родителите со Заев, кој им рекол дека се сомневал за вмешаност на високи полициски структури во настанот и оти неговиот мобилен наводно паднал крај езерото.

    „Им кажав дека тоа е клевета и невистина. Им го покажав мобилниот. Ја чувам и сим картичката, службена е од МВР, со сите разговори сочувани“, рече Алексовски.

    Разговарале и за сомневањата на Заев дека „опел омегата“ вишна боја, со која двајцата главни обвинети биле пренесени од Смиљковско Езеро до косовската граница, наводно припаѓала на единицата „алфи“.

    „Во однос на возилото марка ‘омега’, им посочив дека 30 месеци пред да се случи настанот, додека бев командант на единицата, во возниот парк на МВР што го користеле алфите, имало ’опел вектра‘ вишна боја, а не ’опел омега‘ “, сведочи Алексовски.

    „Само овие две средби ги имавте со родителите на убиените?“, праша Фетаи.

    „Имавме уште една средба, таа беше последна. Горан Наќевски, таткото на убиениот Александар, беше загрижен дали ќе ви го одземат овластувањето за обвинител во ’Монструм‘ “, ѝ кажа Алексовски на Фетаи.

    Потоа на прашање на Горан Наќевски дали се познава со обвинетите, Алексовски одговори негативно, но кажа дека со избеганиот на Косово Алил Демири и со обвинетиот Фејзи Азири се „запознал“ преку докази и нивното криминално досие. За Демири зел ДНК по повод грабежот на Прокредит банка во 2009, а со Фејзи Азири кога зеле чаури по престрелка на неговиот имот со друго семејство за концесија за земјиште.

    Во ’опел омегата’ беше најдено влакно од Демири, а на местото на масакрот чаура од оружјето на Фејзи Азири иста со тие најдени во неговиот двор, настан за кој тој сѐ уште е на издржување затворска казна.

    „Со премиерот Заев имав две средби за случајот ’Монструм ‘, првата на мое, втората на негово барање. Баравме појаснување за она што им го кажал на родителите и на здружението за човекови права кое бараше реотворање на 8 судски процеси, меѓу кои и на ’Монструм ‘. Негираше дека мене ме спомнал, а ми кажа дека до него стигаат секакви информации за овој настан. Му кажав дека одамна немам никакви сознанија што се случува во единицата ’алфи‘. Го прашав кој е изворот што генерира лаги за моја вмешаност, ми повтори дека до него стигаат разни шпекулации. Побарав да престане да го инволвира моето име, одговори потврдно“, зборуваше Алексовски.

    На прашање дали имал предупредување дека ќе се случи напад тие празнични денови, Синиша Алексовски одговори:

    „Конкретно, во писмена форма немавме податок дека ќе се случи кривично-правен настан. Но пред секој голем верски настан, се преземаа повисоки мерки на безбедност, особено за објектите каде што се собираше поголема група луѓе, а врз база на претходни информации за националистички и екстремистички активности. Имав усна информација од полицискиот службеник Зоран Трајковски дека има движења на екстремистички групи кои би можеле тие празнични денови да нападнат полициски станици. Го прашав дали за ова официјално го известил МВР, УБК Куманово и воените структури. Му напомнав дека во овој период на годината секогаш има полуинформации, дека и тие што диво сечат шума наводно биле екстремисти. Му реков само ако ја потврди информацијата, да ми јави“.

    На следното рочиште ќе сведочи Блерим Беџети, поранешен министер за правда.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира