Раст на консолидираните продажби од 4%, раст на консолидираната нето добивка од 8% и 95 нови вработувања, оствари „Алкалоид“ во периодот јануари – јуни 2016 година..
Неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех покажуваат дека „Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – јуни 2016 година.
Во периодот јануари – јуни, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 4.197 милиони денари, што е за 4% повеќе во споредба со истиот период лани. Вкупниот консолидиран извоз на компанијата, пак, е зголемен за 5%. Зголемување од 8% е забележано и кај добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 598 милиони денари, додека нето консолидираната добивка од 326 милиони денари е зголемена исто така за 8%, покажува консолидираниот Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, пак, во периодот јануари – јуни, продажбите достигнуваат 3.244 милиони денари, што е за 6% повеќе во споредба со истиот период лани. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 583 милиони денари, бележи зголемување од околу 9%, додека нето добивката е зголемена исто така за 9%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2016 година изнесуваат 344.331 илјади денари.
Во периодот јануари – јуни 2016 година во Алкалоид се реализирани 95 нови вработувања во Република Македонија.