АЛКАЛОИД СО РАСТ НА КОНСОЛИДИРАНИТЕ ПРОДАЖБИ ОД 6 ОТСТО ВО ПРВИОТ КВАРТАЛ, ИЗВОЗОТ ИЗНЕСУВА 57,4 МИЛИОНИ ЕВРА

    АЛКАЛОИД СО РАСТ НА КОНСОЛИДИРАНИТЕ ПРОДАЖБИ ОД 6 ОТСТО ВО ПРВИОТ КВАРТАЛ, ИЗВОЗОТ ИЗНЕСУВА 57,4 МИЛИОНИ ЕВРАСо одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. (Фото: Алкалоид)

    Алкалоид оствари раст на консолидираните продажби од 6 отсто во периодот јануари-март 2025 година, споредено со истиот период лани, соопшти компанијата.

    Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари–март 2025 година продажбите достигнуваат 3.458.394.494 денари, што е за 1 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 5.201.163.839 денари, што е за 6 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

    Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 24 отсто во споредба со првите три месеци од минатата година. Од вкупните консолидирани продажби, 32 отсто се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 отсто се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 25 отсто, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 23 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 19 отсто, а на другите пазари е остварен 1 отсто од вкупните консолидирани продажби. Продажбите на странските пазари во првиот квартал од 2025 година се во согласност со предвидената динамика и бележат раст од 8 отсто во однос на планот. Во периодот што следува очекуваме кумулативните пласмани на странските пазари да ги надминат минатогодишните.

    Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени на Јужна Африка, кои се зголемени 3,8 пати; потоа во Холандија, каде што се зголемени 3,7 пати, во Португалија, каде што се зголемени 2,3 пати, како и во Австрија, каде што продажбите се удвоени. Потоа следуваат оние во Грција (раст од 40%), Финска (раст од 39%), Ерменија (раст од 29 %), во Украина (раст од 13 %), Босна и Херцеговина (раст од 12 %), Саудиска Арабија (раст од 10 %), во Словенија (раст од 9 %), Србија (раст од 6 %), Хрватска (раст од 5 %) итн.

    Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 92 отсто. Од нив, поголем удел имаат антибиотиците со 29 отсто, препаратите ОТЦ со 16 отсто, кардиолошките препарати со 12 отсто, невролошките препарати со 12 отсто од вкупните консолидирани продажби итн.

    Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-март 2025 година изнесуваат 256.658 илјади денари.

    Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 744.810.347 денари, бележи зголемување од околу 12 отсто, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 407.432.285 денари и е зголемена за 4 отсто.

    Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 928.314.407 денари и бележи раст од 8 отсто, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 491.703.111 денари е зголемена за 3 отсто.

    При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

    Во периодот јануари-март 2025 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 13 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.046 вработени, од кои 2.288 се во земјава, а 758 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

    Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – март 2025 година се движеше од 26.800,00 до 31.099,00 денари или просечно 28.966,38 денари за една акција. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со Друштвото и на генералниот тренд на движење на глобалните и на регионалните берзи. На 31.03.2025 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.188 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 39,4 милијарди денари.

    На 1 април 2025 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година ќе започне исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2024 година е поголема за 16,67 отсто во однос на исплатената дивиденда од акција за 2023 година.

    Бизнис-планот за 2025 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2024 година, предвидува инвестирање на околу 8 отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8 отсто на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 година, како и раст од 7 отсто на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година.

    Бизнис-планот за 2025 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на Планот. Околностите и настаните во 2025 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.

    Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2025 година, велат од компанијата. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира