Инвестирањето и ангажирањето со земјите од Западен Балкан е геостратешки императив за Обединетото Кралство во услови на зголемена глобална неизвесност и непредвидливост, вели специјалната претставничка, дамата Карен Пирс, во коментар по повод британското претседателство со Берлинскиот процес во 2025. Британскиот премиер Кир Стармер на 22 октомври ќе биде домаќин на лидерите од Западен Балкан на Самитот на Берлинскиот процес во Лондон, каде заедно со 9 европски партнери и ЕУ, ќе се унапредува соработката на проекти во 3 клучни области: миграција и криминал, безбедност и раст.
„Сакаме да се погрижиме дека 2025 година ќе го означи почетокот на период во кој ќе се реализира потенцијалот на регионот. 80-годишнината и 30-годишнината од крајот на Втората светска војна и Сребреница нè потсетуваат на големите зла што им се случија на луѓето од регионот во минатото. Наследените предизвици остануваат, некои од нив се длабоки, како што покажува моменталната криза во Босна и Херцеговина. Сепак, 80-годишнината од основањето на Обединетите нации, 50-годишнината од Завршниот акт на Хелсинки и 30-годишнината од Дејтонскиот/Парискиот договор можат да нè насочат и кон иднината и да нè потсетат на она што може да се постигне преку имагинацијата, толеранцијата и помирувањето“, вели специјалната претставничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан.
Таа укажува дека ќе се поттикнува пронаоѓање меѓусебни области за соработка и иновации, а и изнаоѓањето конкретни начини за спроведување на обврските од претходните години во пракса.
„На пример, од различни причини, напредокот со личните карти и признавањето на квалификациите за високо образование е во застој. Ќе бараме креативни начини за постигнување на меѓусебно признавање и олеснување на патувањето низ целиот регион. Ќе ја поддржиме брзата имплементација на двата договори за признавање на професионалните квалификации и ратификацијата на договорот за пристап до високо образование и прием на студиски програми. Тоа ќе направи вистинска разлика за луѓето од шесте земји од Западен Балкан“, вели Пирс и додава дека Обединетото Кралство ја ревитализира својата улога во Европа, а клучен дел од ова е зајакнувањето на нивните партнерства во Западен Балкан.