АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА СЕ ОДНЕСУВА КРАЈНО НЕОДГОВОРНО, ЈА ЗАМРЗНУВАМЕ СОРАБОТКАТА, ВЕЛАТ ОД ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

    АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА СЕ ОДНЕСУВА КРАЈНО НЕОДГОВОРНО, ЈА ЗАМРЗНУВАМЕ СОРАБОТКАТА, ВЕЛАТ ОД ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВОЈавниот обвинител Љубомир Јовески пред три дена беше во ДКСК на средба за дополнително унапредување на соработката меѓу двете институции. (Фото: Јавно обвинителство)

    Откако вчера Антикорупциската комисија (ДКСК) одлучи да достави иницијатива до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) за сомнежи за намерно оштетување на доверители, меѓу кои и државата, во врска случајот „Труст“, денеска Јавното обвинителство ја обвини Комисијата дека се однесува неодговорно и соопшти дека ја замрзнува соработката со Комисијата.

    На вчерашната седница на (ДКСК), членот Шемши Салаи кажа дека штетата од лошо изведената конфискација на имотот на „Трансмет“ на осудениот Сеад Кочан изнесува над 12,4 милиони евра.

    Но, денеска од Јавното обвинителство велат дека оваа иницијатива на ДКСК е целосно беспредметна и непотребна, додавајќи дека нема потреба ДКСК да поднесува иницијативи за предмети за кои обвинителството веќе постапува.

    Понатаму, Јавното обвинителство вели дека е неодговорно од една институција како ДКСК, врз нецелосно обработени и неточни факти, да излегува надвор од своите надлежности и да прикажува шеми на наводно организирано дејствување, бидејќи тоа единствено е во надлежност на истражните и на судските органи во државата.

    „Со јавната седница на Државната комисија за спречување на корупцијата веќе е нанесена непотребна штета и на Јавното обвинителство како институција и на јавните обвинители кои постапувале во предметот“, велат од Јавното обвинителство.

    Од Јавното обвинителство додаваат дека ДКСК при одлучувањето воопшто не ги зел предвид веќе правосилните одлуки на Апелациониот суд, со кои спогодбите за префрлање на имотот од „Трансмет“ на „Пуцко Петрол“ се огласени за ништовни и правно неважечки, и со кои имотот на Сеад Кочан е трајно впишан во сопственост на државата.

    „Доколку крајната цел не е обид да се влијае на исходот од постапката што ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и свесно да се компромитира, неразбирливо и крајно неодговорно е Комисијата да поднесува иницијатива за кривично гонење во оваа фаза од постапката и врз основа на нецелосно проверени факти, кои не соодветствуваат на доказите обезбедени во предметот“, велат од Јавното обвинителство и апелираат ДКСК да се држи до своите законски надлежности и да не нанесува штета на постапките кои се во тек.

    „И покрај сите напори на Јавното обвинителство да остварува коректна соработка со ДКСК и да ја вклучи во активностите за борба против корупцијата, членовите на ова тело, наместо да ја насочат енергијата кон сопствените обврски, постојано се конфронтираат со другите институции, предизвикувајќи огромна штета на напорите за справување со корупцијата. Поради еднострано целосно непочитување на потпишаниот Меморандум за соработка, а особено прекршување на членовите 2, 3 и 6, Јавното обвинителство ги замрзнува сите активности предвидени и кои произлегуваат од тој меморандум“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

    Бизнисменот Сеад Кочан во 2019 година беше осуден на 4 години и 8 месеци затвор за незаконски тендер од 2011 година распишан од ЕСМ за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола. Судот пресуди и да му се конфискува имот во вредност на тендерот од 17 милиони евра.

    Од Антикорупциската комисија реагираа на обвинувањата од обвинителството, велејќи дека податоците кои биле изнесени на седницата во најголем дел се веќе познати на јавноста, а тие само извршиле анализа и хронолошко поврзување на истите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира