Во 2025 година се направени околу 14.000 хируршки интервенции за бенигни и малигни тумори, рече денеска Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски на прес-конференцијата за Светскиот ден за борба против ракот. Тој рече дека во 2025 фокусот бил ставен на засилување на раното откривање преку набавка на опрема и зголемување на бројот на прегледи.
„Комплетни интервенции, прегледи за дојка, вклучувајќи мамографија, ултразвук, магнетна резонанца, биопсија, се направени над 13.000 во 2025 година. Ендоскопии, вклучувајќи ректоскопија, гастроскопија, колоноскопија, се направени околу 18.000 вкупно, со тоа што можам да кажам дека не сме задоволни од бројот на направени колоноскопии, земајќи предвид дека сите граѓани над 50 години треба да направат една превентивна колоноскопија и ги охрабрувам сите возрасни да го направат тоа“, рече Клековски.
Според податоците од ФЗО, во 2025 биле реализирани вкупно 17.581 ендоскопски прегледи, од кои 7.096 колоноскопии и 9.807 гастроскопии. За дијагностика на дојка реализирани се вкупно 13.042 услуги, од кои за мамографиија 7.076 прегледи.
Клековски кажа дека има значајно напредување во патологијата и молекуларната дијагностика, со зголемување на буџетите за Институтот за патологија и Македонската академија за науки и уметности (МАНУ), како и вклучување на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во мрежата.
„Успеавме да направиме подобрување на кадарот со нови вработувања на Клиниката за радиотерапија и онкологија и на Институтот за патологија, вкупно четворица нови специјализанти. Сепак, надвор од Скопје, на два обновени огласи за патолози, вкупно пет места, не се јави ниту еден кандидат. Работиме понатаму во Институтот за патологија, кој е главниот обезбедувач на овие услуги во земјата, да го скратиме времето на тестирање, од кога молекуларно ќе се потврди дека е рак до генетската анализа, со таканареченото рефлексно тестирање за самиот патолог може да донесе одлука и според директориумите за истражување без нови упати“, кажа тој.
Б. НЕСТОРОСКА



