АРЛИНДА КАДРИ-ШАХИНОВИЌ И СУЗАНА ЈОШЕВСКА-АНАСТАСОВСКА СЕ НОВИ ЧЛЕНКИ НА СУДСКИОТ СОВЕТ

    АРЛИНДА КАДРИ-ШАХИНОВИЌ И СУЗАНА ЈОШЕВСКА-АНАСТАСОВСКА СЕ НОВИ ЧЛЕНКИ НА СУДСКИОТ СОВЕТКадри-Шахиновиќ е експертка за граѓанско и семејно право, а Јошевска-Анастасовска за кривично право. (Фото: Фејсбук)

    Професорката по право Арлинда Кадри-Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска за нови членки на Судскиот совет, по предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова избрани денеска со апсолутно мнозинство во Собранието. Со овој избор се реализира уставното право на претседателот да предложи двајца членови и се комплетира составот на Советот, при што акцентот беше ставен на истакнати правници кои не доаѓаат директно од судската фела.

    Јошевска-Анастасовска е експертка за кривично право, Кадри-Шахиновиќ за граѓанско и семејно право.

    Претседателката Сиљановска-Давкова во образложението во Собранието нагласи дека изборот се темели исклучиво на стручност, компетентност и професионален интегритет, а не на родова застапеност.

    „Имав многу кандидати пред себе, имав многу биографии, меѓутоа се обидов не само да се водам од професионалноста и компетентноста, туку ако сакате и од јавноста, оти реформските процеси можат да ги водат само препознатливи личности во определена област. Јас верувам дека двете кандидатки не ги предложив заради тоа што се жени, туку пред сè заради нивната стручност и компетентност“, рече Сиљановска-Давкова.

    За Јошевска-Анастасовска рече оти знае дека има пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и од други партии кои имаат забелешки за ваквиот избор, но кажа дека „големината на еден политички субјект е да се апстрахира од релацијата и да цени низ призмата на стручноста, компетентноста и независноста зашто само такви личности можат да обединуваат“.

    За проф. д-р Арлинда Кадри-Шахиновиќ, претседателката рече дека од мотивациското писмо може јасно да се види нејзината цврста решеност да придонесе во заштитата и унапредувањето на судската независност.

    „А во хуманитарните цели можеме да ја идентификуваме етичката димензија, а според мене без етика нема праведно судство, и покрај стручноста и компетентноста. Значи верувам во нејзината подготвеност за одговорно, совесно и непристрасно извршување на функцијата член на Судскиот совет“, рече Сиљановска-Давкова.

    Изборот на новите членки беше позитивно оценет и од Судскиот совет чиј претседател Александар Камбовски изрази доверба во проценката на претседателката и во професионализмот на новоизбраните членки, нагласувајќи дека нивниот придонес ќе биде значаен во период на спроведување на клучни правосудни реформи.

    Јошевска-Атанасовска завршила студии по право на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а Кадри-Шахиновиќ на ФОН. Имаат богати биографии во кои е вклучена и соработка со меѓународни и домашни невладини организации.

    Јошевска-Атанасовска има значителен број на јавни настапи надвор од адвокатската работа, па важи за критичарка, но и за бранителка на независноста на судството. Таа била и советничка на поранешното Специјално јавно обвинителство, советничка во Министерството за финансии во меѓународните правнички комуникации и процеси, а лани предавала и во Академијата за судии и јавни обвинители.

    Кадри-Шахиновиќ, покрај тоа што предава на ФОН и на МИТ Универзитетот, е и член на Генералното собрание на СОС Детско село, ангажирана е како правна експертка во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), а два мандата е и претседателка на Комисијата за жалби на ФФМ. Беше членка на Комисијата за помилување кај претседателката Сиљановска-Давкова, а која Комисија се распадна уште на почетокот, по колективната оставка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира