Авион од типот „Ербас А320-232“ на авиокомпанијата „Визер“ во средата, веднаш по полетувањето на попладневниот лет за Базел, околу 18 часот, се вратил и слетал на Меѓународниот аеродром Скопје, откако удрил во јато птици. Авионот уште е приземјен на скопскиот аеродром.
Според првичните информации од воздухопловните власти, судирот со најверојатно поголема птица предизвикал вибрации на еден од моторите поради искривување на перките. Не станува збор за принудно слетување, затоа што и двата мотора нормално работеле, но капетанот одлучил за секој случај да го приземји авионот. Тој следејќи ги стандардните безбедносни процедури за вакви ситуации, одлучил од претпазливост веднаш да го врати авионот назад во Скопје. Немало потреба за никаква вонредна ситуација, па затоа и патниците најнормално излегле од авионот.
Задолжени за контрола и бркање на птиците од аеродромските писти се службите на концесионерот на македонскиите аеродроми ТАВ. За таа цел користат и специјални воздушни топови за плашење на птиците. Сепак, во последно време е забележано зголемено присуство на птици во околината на аеродромот, кои дополнително покажуваат знаци на адаптирање на мерките за нивно оддалечување.
И авион на „Аустриан ерлајнс“ од истиот тип „ербас“ -А320, на раниот утрински лет за Виена околу 4.30 часот имал блиска средба со јато птици. Екипажот го прекинал полетувањето уште додека бил на пистата и се вратил кон патничкиот терминал. Истиот авион полетал за Виена со четиричасовно задоцнување околу 8 часот.
Судирите на авиони со птици се релативно честа појава во авијацијата, особено во периодите на миграција на птиците. Според податоците на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), дури 90% од овие инциденти се случуваат во близина на аеродромите, при полетување, слетување или на пониски надморски височини каде што активноста на птиците е најголема.
Иако модерните авионски мотори се дизајнирани да издржат удар од помали птици, судир со поголема птица или цело јато може да ги надмине безбедносните маргини и да предизвика сериозни оштетувања како што се свиткани или скршени перки на моторот, внатрешни дефекти, па дури и откажување на моторот или пожар.