АВСТРИСКАТА АВИОКОМПАНИЈА ЈА ОБВИНИ МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НЕЛОЈАЛНА КОНКУРЕНЦИЈА

    АВСТРИСКАТА АВИОКОМПАНИЈА ЈА ОБВИНИ МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НЕЛОЈАЛНА КОНКУРЕНЦИЈА

    Претставник на австриската авиокомпанија Остриан ерлајнс, дел од групацијата Луфтханза вчера ја обвини македонската влада дека поттикнува нелојална конкуренција во авиосообраќајот.

    „Навистина е тешко да се натпреварувате со субвенционирани нискотарифни компании, рече Александер Толвет, регионален менаџер на австрискиот авиопревозник Остриан ерлајнс. На одбележувањето на 20 годишнината од првиот лет Виена – Скопје, претставникот на австриската компанија посебно реагираше на неодамна отворената линија Скопје – Братислава на унгарскиот нискобуџетен превозник Виз ер. Отварањето на таа линија е делумно субвенционирана од буџетот на Република Македонија.

    „Воопшто не сме среќни поради тоа. Ние ја охрабруваме конкуренцијата секаде, таа е добра за пазарот. Но проблем е кога нискотарифните компании добиваат субвенции од Владата што создава нелојална конкуренција. Примерот со Братислава, која е блиску до Виена, а и двата града ги привлекуваат истите патници покажува  дека невистина е тешко да се натпреварувате,“ изјави Толвет.

    Остриан ерлајнс минатата година и формално испратила жалба до Европската комисија во Брисел поради нелојалната конкуренција што ја создава македонската влада со субвенционирање на унгарскиот авиопревозник Виз ер.

    Субвенциите  беа споменати и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ во декември минатата година. „Останува загриженоста околу финансиските погодности што се даваат на авио операторите“, стои во извештајот на Европската комисија.

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира