БАРАМЕ РЕШЕНИЕ И ЗА БЕЗБЕДНОСЕН ПРОТОКОЛ ЗА ЛАЖНИТЕ ДОЈАВИ ЗА БОМБИ И ЗА ПОСЕТУВАЊЕ НАСТАВА, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ

    БАРАМЕ РЕШЕНИЕ И ЗА БЕЗБЕДНОСЕН ПРОТОКОЛ ЗА ЛАЖНИТЕ ДОЈАВИ ЗА БОМБИ И ЗА ПОСЕТУВАЊЕ НАСТАВА, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИИзминативе шест месеци има лажни дојави за поставени бомби во основните и средни училишта во Скопје, и учениците губат настава. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Димитар Ковачевски и министрите за внатрешни работи и за образование и наука, Оливер Спасовски и Јетон Шаќири, денеска ќе разговараат за дополнителни мерки за справување со лажните дојави за поставени бомби во училиштата. Изминативе шест месеци има лажни дојави за поставени бомби во основните и средни училишта во Скопје, и учениците губат настава.

    „Ние како систем не сме ја загубиле оваа сајбер-војна и нема да ја загубиме. Оваа сајбер-војна и овие хибридни напади се дел од војната што се води во Украина и тоа веќе на сите ни е јасно, бидејќи не се случува само кај нас, туку и кај голем број држави членки на НАТО. Министерот за внатрешни работи вчера сподели одредени информации за менување одредени протоколи што ги спроведува МВР. Денеска ќе имаме состанок со раководствата на министерствата за внатрешни работи и за образование, на кој ќе разговараме во однос на носење дополнителни мерки и за целосно неутрализирање на овој проблем со кој се соочува Северна Македонија, но и други држави, со цел да овозможиме редовна и непречена настава за учениците“, изјави Ковачевски по посетата на градинка во изградба во населба Пролет, Општина Центар.

    Според Ковачевски, согласно со процедурите, прописите и протоколите за борба против тероризам, бидејќи се работи за дојави за бомби, тие мора да спроведуваат процедури пропишани согласно закон, како и во сите други држави. За да се спречи напуштање на училиштата, МВР и МОН, рече премиерот, секојдневно работат со цел да се изнајде начин како да се спроведат процедури кои ќе обезбедат сигурност дека се работи за лажна дојава на бомба, а децата да можат да посетуваат настава.

    „И јас сум родител и се соочувам со истите проблеми во однос на школувањето на децата. Не е нешто за што не знам што се случува, меѓутоа мора да верувате дека и МВР и МОН работат на решавање на овој проблем“, рече премиерот.

    Министерот Шаќири, вчера, на прашање дека само државните, а не и приватните училишта добиваат дојави за бомби, одговори: „И јас се прашувам неколку пати зошто само во државните училишта. Не сакам да кажам да има дојави за бомби и во приватните училишта, туку би сакал да кажам да нема дојави и во државните“.

    Дали се размислува сите средни училишта да преминат на онлајн настава, тој одговори дека „не е лесна одлука“ дали тоа да биде за средните во Скопје или во цела држава.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира