Преку националниот портал www.uslugi.gov.mk е можно да се врши електронски упис на новороденче за издавање извод од матична книга на родените.
„Преку новата услуга родителите сега имаат можност да поднесат електронско барање за упис на нивното новороденче, без да одат на шалтерите на Управата за водење на матичните книги (УВМК). Аплицирањето преку услугата ‘eID’ од порталот www.uslugi.gov.mk ќе овозможи поднесување на барање за овој извод, лесно и без доцнење“, рече министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу на промоцијата на новата услуга во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир.
Според Алиу, дигитализацијата е единствениот начин да се промени животот на граѓаните и најави дека до крајот на годината ќе се промовираат повеќе од 150 нови онлајн услуги на Националниот портал за е-услуги.
„Малиот Трим, роден во Гинекологија и акушерство Чаир, е првото новороденче кое доби електронски извод од матичната книга на родени откако родителите поднесоа електронско барање. На овој начин се олеснува постапката за издавање извод на родени и се овозможува родителите да не одат по шалтери во институциите, туку веднаш во породилиштата да поднесат барање за електронски извод и истиот да го добијат за неколку дена во електронска форма на нивните електронски адреси“, кажа министерот за здравство Фатмир Меџити.
Б. НЕСТОРОСКА