БИБЛИСКИ АЕРОДРОМ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:50:"ДобредојдовтенаГолемиот!

    1 Александар Македонски за помалку од 15 години го освоил целиот познат свет. Скопскиот аеродром кој треба да го носи неговото име за 15 години ја има вработено половина позната Македонија. На аеродромот единствено се менуваа директорите зависно од партијата што победуваше на изборите. После толку многу промени конечно дојде време и за суштинската промена. На името.
    Грците се лутат ако аеродромот се вика Александар Македонски. За да ја почитуваме Привремената спогодба од 1995 година треба да се избегне придавката “македонски”. Па Владата реши аеродромот да се вика Александар Велики. Но, тоа “велики” можеби е во духот на Привремената спогодба со Грција, ама не е во духот на Рамковниот договор. Името на аеродромот треба да биде двојазично. Скопскиот аеродром ќе се вика Александар Големиот. Или, според Охридскиот договор, Александри и Мадх.
    Грците сега ќе почнат да го тупат со НАТО, ЕУ и преговорите под покровителство на Обединетите нации, па ќе имаме уште едно име за решавање. Ќе почнат преговори за името на Скопскиот аеродром. Како што имаме привремено име за државата што си го носиме 13 години, така во преговорите можеме да си прифатиме и привремено име за аеродромот. Да се вика “поранешен Александар Македонски”. Има логика. Александар навистина е поранешен. Потоа ќе почнат преговори за име за внатрешна и за надворешна употреба. Па Грците ќе предложат од името на аеродромот да се исфрли и зборот Александар. Така, Скопскиот аеродром од Александар Големиот ќе остане само Големиот.
    Кога авионите ќе слетуваат во Скопје стјуардесата ќе ги поздравува патниците: Добре дојдовте на Големиот!

    2 Охридскиот аеродром ќе се вика Свети Апостол Павле затоа што Македонија е спомената во Библијата во Евангелието на Апостол Павле. Со ова име Владата ќе му ја продаде на светот приказната за Македонија како библиска земја и за ранохристијанските базилики во Охрид.
    Името Свети Апостол Павле е вистинското име за аеродромот во Охрид. Таму неделно слетуваат дури три авиони. Некогаш и помалку. Авиосообраќајот на Охридскиот аеродром се одвива според библиска динамика. А и состојбата е како во библиско време.

    3 Милошоски го направи првиот чекор за олеснување на визниот режим. Го отвори бугарскиот конзулат во Битола.

    4 СДСМ до пред десетина дена беше на најниско ниво од основањето на партијата. Ги изгубија изборите, имаа лидерска криза, а претседателот Црвенковски беше заборавен. На ВМРО-ДПМНЕ како победници на изборите и како Влада со успешни 100 дена воопшто не им требаше СДСМ за да си прават своја успешна приказна.
    Но, тие со еден глупав гест ги дигнаа од мртвите и СДСМ и Бранко. Доволно беше само министрите да не се појават на годишното обраќање на Претседателот во Собранието и да го оживеат отепаниот СДСМ и заспаниот Бранко. Можеа ладно да му дојдат во Собрание, да си свиркаат и да му се ситат.
    Наместо Груевски да се занимава со сопствените успеси и со водењето на државата, сега ќе се занимава со СДСМ. Доволни се дветри изјави на Бичиклиски и на Ѓорчев и циркусот може да почне.
    Во време на СДСМ, во ВМРО-ДПМНЕ чекаа да дојде недела за да направат прес конференција и да се појават на вести. Сега, во време на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ е секој ден на вести и на насловните страници. Кога Бранко во последно време бил два саата на телевизија? Имал ли нешто да изјави?
    Зошто? Затоа што Бичиклиски проверува каде оди Рада секој ден, а Ѓорчев го чека Бранко на состанок. Подобро поле за натпревар ни за Бранко, ни за СДСМ нема. Еден ќе каже нешто глупо, а тие ќе му се смеат на глупоста. Толку барем знаат.
    Поголем подарок за Нова година од оној што го добија од Владата и ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Бранко Црвенковски не можеа ни да сонуваат.

    5 Градоначалникот на Скопје Трифун Костовски изјави дека не е задоволен како е накитен градот за Нова година. Веројатно затоа ќе ја прекине семејната традиција да ги минува празниците во Анталија. Решил самиот да се казни. Ќе слави Нова година во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира