БИТОЛСКАТА ВИША ОБВИНИТЕЛКА ИРИНА ТРАЈКОСКА-СТРЕЗОСКИ НА НЕТРАНСПАРЕНТЕН НАЧИН ИЗБРАНА ЗА ДИРЕКТОРКА НА АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ

    БИТОЛСКАТА ВИША ОБВИНИТЕЛКА ИРИНА ТРАЈКОСКА-СТРЕЗОСКИ НА НЕТРАНСПАРЕНТЕН НАЧИН ИЗБРАНА ЗА ДИРЕКТОРКА НА АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИЗа тајното гласање без дискусија најмногу се бунеше Бесир Алиу - обвинител од ОЈО Тетово (втор од лево), кој е и најмлад член на Управниот одбор на Академијата. (Фото:СДК.МК)

    Ирина Трајкоска-Стрезоски, виша јавна обвинителка од ВЈО Битола, е новата директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев”. Таа доби 6 гласа од вкупно 9 членови на Управниот одбор на Академијата.

    Таа беше избрана на нетранспарентен начин и може да се каже нелегално, затоа што Законот за Академија на судии и обвинители вели дека гласањето за директор на Академијата е јавно, што не беше случај денеска.

    Под изговор дека има 7 кандидати, а процедура за гласање од страна на 9-те члена на Управниот одбор нема, се прејде на решение со испечатување на ливчиња за тајно гласање и заокружување на кандидати. Без никаква дискусија за кандидатите, за нивните постигнувања и биографии. Беа јавно соопштени само добиените гласови за секој кандидат.

    За ова најмногу се бунеше најмладиот член на Управниот одбор на Академијата, Бесир Алиу – обвинител од ОЈО Тетово.

    „Јас денеска сакав да образложам пред целата јавност зошто сум дал глас за некој од кандидатите за директор на Академијата, но и зошто за други мојот глас не сум го дал. Тоа јавноста имаше право да го знае, но мнозинството одлучи да гласаме тајно без дискусија“, беше лут обвинителот Алиу, кој е школуван токму во Академијата и е претседател на комисијата која ги разгледуваше биографиите на седумтемина кандидати.

    Годинава имаше најмногу пријавени кандидати за директорското место во Академијата.

    Ненад Савески, судија од Одделот за организиран криминал и корупција во Основниот кривичен суд Скопје доби само еден глас помалку од Трајкоска-Стрезоски. Судијката од Управниот суд Едита Насковска доби 2 гласа. Обвинителката од ОЈО Скопје Спасенка Андонова доби само еден глас. Судијката од Основниот кривичен суд Скопје Оља Ристова не доби глас.Натаму, судијата од Граѓанскиот суд Скопје Андреј Димовски исто така не доби глас од членовите на УО. Судијата Илир Исени, актуелен заменик-директор на Академијата за судии и јавни обвинители, доби три гласа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира