Скоро 38 милиони евра заработиле фирмите поврзани со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, дел од нив и наменски формирани за незаконски поврат на ДДВ од државата со купи-продај недвижнини само на хартија, без претходна физичка уплата. Потоа ги переле тие огромни суми пари кои УЈП им ги враќала како ДДВ од „купопродажните“ меѓусебни активности на тие фирми.
Од 4.000 до 20.000 евра метар квадратен чинел деловниот простор кој фирмите меѓусебно фиктивно го продавале-купувале-препродавале-купувале една на друга и секоја си добивала од државата поврат на ДДВ.
Вкупната штета врз Буџетот, според Обвинителството за организиран криминал и корупција, е вкупно 90 милиони евра. Поради големата сума, Обвинителството и не очекува дека некој од осомничените (засега) 15 физички лица заедно со Крмзов, би признал вина. Истрагата во која се осомничени плус 8 службени лица од УЈП, но во друга (брза) постапка, а во истиот предмет, е на почеток, но собрани се скоро сите докази. Се чекаат уште неколку вештачења.
Осомничен и се и 15 фирми и сите што имале недвижен имот и сметки со пари, им се замрзнати.
Според информациите од ОЈО за организиран криминал и корупција, уште во 2023 година дека нешто не е во ред со огромните суми поврат на ДДВ на 15-тина струмички фирми алармирала ексдиректорката на УЈП Сања Лукаревска, пред 9 месеци упад во тие фирми изврши МВР под раководство на Панче Тошковски, а сега Обвинителството и официјално ја отвори истрагата.
Полицијата вчера го уапси бизнисменот Крмзов и судот му одреди 30-дневен притвор.
С. К. ДЕЛЕВСКА