Пратеничката Емилија Александрова на денешната собраниска седница за Законот за Агенцијата за национална безбедност, која ќе ја замени УБК, рече дека жали што претходно не беше прифатен нејзиниот амандман директорот на Агенцијата да не може да биде избран двапати на оваа функција.
„Во минатото се покажа дека директорите по реизборот и со нивното подолго останување во важните сфери вршат злоупотреби. Затоа сметам дека требаше да се прифати нашиот амандман директорот на Агенцијата за национална безбедност да нема право на реизбор”, рече таа од собраниската говорница.
Александрова не кажа точно на кои директори мисли, но го кажа ова на седницата за новата служба што ќе прислушува. Нејзин братучед е ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, кој на функцијата беше цели 10 години, после сите изборни циклуси на кои победуваше ВМРО-ДПМНЕ, предводено од неговиот братучед Никола Груевски.
Мијалков е обвинет во основниот случај на ДЈО „Тврдина – Таргет” за масовно прислушување на стотици граѓани, политичари од СДСМ, новинари и функционери од ВМРО-ДПМНЕ, незаконски и без судски наредби.
С. К. ДЕЛЕВСКА