БУГАРСКОТО МНР ВЕЛИ ДЕКА БИЛА НАПАДНАТА НИВНАТА АМБАСАДА ВО СКОПЈЕ, БАРА ИСТРАГА ОД МАКЕДОНСКИТЕ ВЛАСТИ

    БУГАРСКОТО МНР ВЕЛИ ДЕКА БИЛА НАПАДНАТА НИВНАТА АМБАСАДА ВО СКОПЈЕ, БАРА ИСТРАГА ОД МАКЕДОНСКИТЕ ВЛАСТИБугарското МНР вели дека овој чин е недозволив напад врз статусот на дипломатското претставништво и претставува грубо кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи. (Фото: Бугарско МНР)

    Непознато лице извршило напад врз бугарската амбасада во Скопје на 11 јануари, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија. Според фотографиите во соопштението, станува збор за скршено стакло на влезната врата.

    Бугарското МНР вели дека овој чин е недозволив напад врз статусот на дипломатското претставништво и претставува грубо кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи.

    „Изразуваме длабока загриженост дека ваквото дрско дело е резултат на системскиот недостиг на реакција од страна на надлежните институции во Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски чинови врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница“, се вели во соопштението од Софија.

    Бугарското министерство упати барање до македонските власти веднаш да ги преземат сите потребни активности за да го идентификуваат сторителот и да го изведат пред лицето на правдата за да сноси целосна кривична одговорност. Дополнително, Софија бара гаранции за безбедноста на бугарските дипломатски и конзуларни претставништва во земјава, како и за нивниот персонал и имот.

    Од МВР подоцна соопштија:

    „Денеска (11.01) во 15:55 часот, во СВР Скопје, од страна на Одделот за обезбедување на определени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи, било пријавено оштетување на стаклото на влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија. Офицерот за безбедност на Амбасадата, преку системот за видео надзор, забележал оштетување на стаклото од влезната врата на објектот. Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото од влезната врата. На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира