Осумдесетина врвни хирурзи-ортопеди од Македонија и соседните земји минатиот викенд учествуваа на специјализиран симпозиум во Скопје, на кој во живо се емитуваа четири операции. Во хотелот „Александар палас“ имаше директен пренос од операционите сали во Ортопедија и Трауматологија при Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, каде беа извршени 4 операции на преден вкрстен лигамент на колено.
Овој специјализиран симпозум, годинава на тема на тема „ACL A la carte“, по вторпат го организира Артроскопската асоцијација на Македонија, чиј претседател е д-р Зоран Несторовски, раководител на Ортопедскиот оддел во Болницата. Лани, за првото издание, пред исто така голем број гости од артроскопската хирургија беа изведени 2 операции на рамо.

Во хотелот „Александар палас“ имаше директен пренос од операционите сали од „8 Септември“, каде од 9 до 17 часот беа извршени 4 операции на преден вкрстен лигамент на колено. (Фото: Приватна архива)
Годинава учесниците на симпозиум, освен од Македонија, беа од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија.
„Имаше директна комуникација, аудио и видео со аудиториумот и модераторите и во секој момент можеше некој од публиката, од гостите, да го прашаат докторот во операционата сала зошто тоа го прави, на кој начин тоа го прави, или некој мисли дека нешто поинаку треба да се направи“, ни рече д-р Несторовски, додавајќи дека за настанот имало голем интерес и прашања.
Операциите ги извеле хирурзи од Болницата во Анкаран, Словенија, од болницата „Свети Дух“ во Загреб, од Клиничкиот центар од Крагуевац, а четвртата операција ја извел д-р Нестровски од „8 Септември“.
Возраста на пациентите е од 20-35 години. Сите утредента биле пуштени дома.
Хирурзите работеле 4 различни техники за операција на преден вкрстен лигамент, а како што вели д-р Несторовски, техниката ја детереминира пациентот, неговата возраст, спортските активности, плановите за иднината…

Годинава, освен од Македонија дојдоа и гости од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и од Бугарија. (Фото: Приватна архива)
За време на интервенцијата активно учество земаат и анестезиолози, инструментарки и болничари од оперативниот блок, сето тоа со голема поддршка од управата на болницата.
„Болницата располага со технички ресурси за таков тип на интервенции. Овој тип на симпозиуми со хирургија во живо многу ретко се одржуваат не само во Македонија, и во околните земја. Бараат голема техничка поддршка и планирање, бидејќи сите операции мора да завршат во планирано време. Има операција, па презентација, па пак операција и презентација“, ни рече д-р Несторовски.
Б. НЕСТОРОСКА