ЧЕТИРИ УСЛУГИ ЗА ФИЗИЧКИ И ПРАВНИ ЛИЦА ОД ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО СЕ ДОСТАПНИ НА ПОРТАЛОТ USLUGI.GOV.MK

    ЧЕТИРИ УСЛУГИ ЗА ФИЗИЧКИ И ПРАВНИ ЛИЦА ОД ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО СЕ ДОСТАПНИ НА ПОРТАЛОТ USLUGI.GOV.MKСашо Клековски и Стефан Аноновски ги најавија новините на денешната прес-конференција во Владата. (Фото: К. Попов)

    Четири услуги од Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) се достапни на националниот портал за услуги uslugi.gov.mk , најавија денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорот на ФЗО, Сашо Клековски. Три од нив се наменети за физички, а една за правни лица.

    За физичките лица воведени се електронските услуги: потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес, потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.

    Првпат за правните лица овозможена е електронската услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, целоснo дигитално и достапно во секое време.

    „Корисниците на порталот на Фондот за здравствено осигурување автоматски се воведуваат во системот за единствена најава ССО,“ рече Андоновски, додавајќи дека „граѓаните добиваат можност со еден кориснички профил непречено да се движат и користат услуги на различни институционални портали, без повторно најавување и без дополнителни административни бариери.“

    Од денес Фондот за здравство е и технички поврзан со Централниот регистaр на населението, што овозможува автоматско преземање релевантни податоци за граѓаните.

    Министерот кажа дека преку ова поврзување, ФЗОМ „во рамки на речиси 40 управни и деловни постапки користи податоци од ЦРН како единствен референтен извор,“ со што се намалуваат грешките и потребата од рачно внесување податоци.

    Ова поврзување, меѓудругото, се применува во постапки како: пријава и одјава на здравствено осигурување, утврдување својство на осигурено лице, боледување, бременост и раѓање, лекување во странство, двојазични обрасци, рефундации, потврди и други права и обврски во надлежност на ФЗОМ.

    Андоновски кажа дека во моментов има над 300 илјади корисници на Системот за единствена најава (СЕН), како и над 240 илјади корисници на Националниот портал за е-услуги, што, како што рече, е показател дека граѓаните сакаат да ги користат електронските услуги, ако тие им ја завршат работата.

    Во однс на услугите од Управата за водење на матичните книги од денеска, како што рече министерот, тие се целосно мигрирани на Националниот портал, што ќе го забрза нивното користење и се целосно дигитални за разлика од претходно.

    „Потврдите, односно извод од матична книга на родени, матична книга на венчани, умрени и новата услуга слободна брачна состојба, од денеска се целосно достапни на Порталот и со неколку клика граѓаните може да ги добијат и тие услуги, што ќе значи поголема ефикасност на Управата за водење на матични книги и поголема контрола од страна на нас како ресорно Министерство на темпото на издавање на овие услуги“, кажа Андоновски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира