ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ПО 5 ГОДИНИ СФАТИЈА ДЕКА ДИСЦИПЛИНСКАТА ПОСТАПКА ПРОТИВ ЗЛАТКО БИКОВСКИ ЗА 27 АПРИЛ БИЛА ЗАДОЦНЕТА И ГО УНАПРЕДИЈА ВО РЕПУБЛИЧКИ ОБВИНИТЕЛ

    ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ПО 5 ГОДИНИ СФАТИЈА ДЕКА ДИСЦИПЛИНСКАТА ПОСТАПКА ПРОТИВ ЗЛАТКО БИКОВСКИ ЗА 27 АПРИЛ БИЛА ЗАДОЦНЕТА И ГО УНАПРЕДИЈА ВО РЕПУБЛИЧКИ ОБВИНИТЕЛПо над 5 години водење дисциплинска постапка против групата надлежни обвинители кои не мрднаа со прст за организираниот напад на Собранието на 27 април, Советот на јавни обвинители сфатил дека барањето за дисциплинска постапка поднесено пред повеќе од 5 години било задоцнето и поднесено надвор од рокот. (Фото: СДК.МК)

    Откако на обвинителите Јове Цветановски и Златко Биковски Советот на јавни обвинители им ја запре дисциплинската постапка за непреземањето ништо вечерта при организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година и деновите потоа, во вторникот за обвинител во републичкото обвинителство го избра токму обвинителот Биковски.

    По над 5 години водење дисциплинска постапка против групата надлежни обвинители кои не мрднаа со прст за организираниот напад на Собранието на 27 април, Советот на јавни обвинители сфатил дека барањето за дисциплинска постапка поднесено пред повеќе од 5 години било задоцнето и поднесено надвор од рокот. Како не го сфатиле тоа досега, не се знае, но се знае дека одлуката за ослободување на оваа група во која беа Биковски и Цветановски, Советот ја донесе по смената на власта.

    Златко Биковски конкурираше за унапредување седум години, но Советот на јавни обвинители не го забележуваше. Членовите не гласаа за негово унапредување и тој цело време беше во ОЈО Берово. Биковски во 2016 година, во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, го замени Јован Илиевски (баџанакот на Сашо Мијалков), кога беше избран за судија во Стразбур, и привремено раководеше со Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    Беше обвинител во случајот „Пуч“. Тој го обвини Зоран Заев дека прислушувал со жолти комбиња. Но, кога излегоа бомбите со најприслушуваниот од сите Зоран Заев, неговите деца, семејството и најблиските соработници, монтираниот случај „Пуч“ се затвори.

    Јове Цветановски јавноста го знае како виш обвинител во случајот „Поткуп“, каде обвинет беше тогашниот лидер на СДСМ Зоран Заев. Во 2016 година тој беше обвинител за наводно незаконско финансирање на предизборна кампања од страна на Заев и СДСМ. Тој беше застапник и на обвинението против Захир Бекири-Чауш, што се поврзуваше со СДСМ. За 27 април 2017 година тој беше беше заменик на обвинтелката на ОЈО Скопје Гордана Гешкоска.

    Цветаноски ја имаше честа и довербата дадена од неговиот шеф Мустафа Хајрулахи, да ги затвори обвиненијата за сите поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ обвинети од поранешното СЈО за злоупотреба на службената положба и овластувањата, по ланските измени на Кривичниот законик. За јавен обвинител е избран во 2009 година.

    По смената на ВМРО-ДПМНЕ од власт, На 19 јуни 2017 година кога тогашниот Совет на јавни обвинители даде согласност за разрешување на државниот обвинител Марко Зврлевски, обвинителот Петар Аневски, кој беше претседател на Советот, кажа дека тоа е тело во кое членуваат сончогледи кои се вртат по секоја власт.

    „Сончогледи станаа сите. Се свртеа одеднаш од своите досегашни ставови и одлуки“, изјави Аневски тогаш за САКАМДАКАЖАМ.МК, кого колегите ненадејно го надгласаа со гласови 8 спрема еден и му дадоа пас на Собранието да го разреши Зврлевски.

    Обвинители, не само од Скопје каде што е седиштето на Советот на јавни обвинители, велат дека ги следат најновите случувања околу Биковски и Цветановски, кои по смената на власта одеднаш им станаа важни и видливи на членовите на Советот, но се надеваат дека нема да стане алатка и играчка на извршната власт.

    Премиерот Христијан Мицкоски, откако е дојден на функцијата, во неколку наврати кажа дека треба да се распуштат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и дека не се откажува намерата.

    На завчерашната седница на Советот на јавни обвинители, за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола е избран јавниот обвинител Антонио Јолевски, за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје е избрана јавниот обвинител Наташа Крстева Цалева, а покрај Биковски, во Републичкото обвинителство е избрана и обвинителката Валентина Стојановска.

    За јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избрани јавните обвинители Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи.

    Понатаму на седницата е донесена и одлука за мирување на функцијата јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола на Ирина Трајкоска-Стрезоски, која минатата недела беше избрана за директорка на Академијата за судии и јавни обвинители и се донела одлука за номинирање на членот на Советот – Зорица Павловиќ за заменик член на Етичкиот совет на јавни обвинители.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира