ЧЛЕНОВИТЕ НА СУДСКИОТ СОВЕТ КОИ НЕ БЕА НА СЕДНИЦА ВО РАБОТНО ВРЕМЕ ТВРДАТ ДЕКА ДОШЛЕ НА РАБОТА, АМА ПОСЛЕ ИМАЛЕ ДРУГИ ОБВРСКИ

    ЧЛЕНОВИТЕ НА СУДСКИОТ СОВЕТ КОИ НЕ БЕА НА СЕДНИЦА ВО РАБОТНО ВРЕМЕ ТВРДАТ ДЕКА ДОШЛЕ НА РАБОТА, АМА ПОСЛЕ ИМАЛЕ ДРУГИ ОБВРСКИПретседателката на Судскиот совет Весна Дамева на денешната седница опкружена со празните фотељи на нејзините колеги, кои имале претходно закажани обрвски. (Фото: СДК.МК/принтскрин од видео)

    Членовите на Судскиот совет кои денеска беа отсутни на итната седница која претседателката Весна Дамева ја закажа околу 13.45 часот, во работно време и во работен ден, затоа што си заминале од работа, испратија реакција на текстовите на САКАМДАКАЖАМ.МК „Миљазим Мустафа и другите членови на Судскиот совет што вчера ја разрешуваа Беса Адеми за отсуства, денеска не дојдоа ни на седница, ни на работа“ и „Судскиот совет ја врати во Кривичен суд судијката Ристеска првин да ја каже пресудата за Ласкарци, за да не почне судењето одново , па после да оди во Апелација“.

    Не е демантирано видеото објавено на профилите на САКАМДАКАЖАМ.МК на социјалните мрежи на кое се гледа како на седницата во тек на работно време ги нема членовите на Советот: Сашко Георгиев, Миљазим Мустафа, Лорета Георгиева, Ханиф Зендели, Мери Радевска и Селим Адеми и како зјаат празни нивните фотељи.

    Иако Деловникот на Судскиот совет, како и Законот за Судскиот совет не предвидуваат онлајн вклучување, туку само физичко присуство на седниците, претседателката Весна Дамева им дозволи на порано отидените колеги да се вклучат онлајн и да гласаат за спасување на предметот „Ласкарци“.

    И покрај ова, во реакцијата Судскиот совет вели:

    „Во врска со двата денешни текста ‘Миљазим Мустафа и другите членови на Судскиот совет што вчера ја разрешуваа Беса Адеми за отсуства, денеска не дојдоа ни на седница, ни на работа’, како и ‘Судскиот совет ја врати во Кривичен суд судијката Ристеска првин да ја каже пресудата за Ласкарци, за да не почне судењето одново, па после да оди во Апелација’ објавени на порталот ‘Сакам да кажам’, Судскиот совет реагира на неколку изнесени невистини, нелогичности и погрешни информации, кои во интерес на јавноста сака да ги демантира. Не е точно дека ‘во десеткуван состав денеска е одлучено , бидејќи најголемиот дел од членовите не дошле на работа’, затоа што во текот на денот најголемиот број од членовите на Советот присуствуваа на давањето на свечени изјави на новите апелациони судии, што впрочем може да се утврди и од снимката на МИА и објавените фотографии. Во текстот ‘Миљазим Мустафа и другите членови на Судскиот совет што вчера ја разрешуваа Беса Адеми за отсуства, денеска не дојдоа ни на седница, ни на работа ‘, воопшто не е точно, затоа што дел од нив (Мери Радевска, Сашко Георгиев) гласаа за запирање на постапката, а беа и на работа во текот на денот. Итната седница беше свикана во последен миг, за да се спречи да не се направи пропуст, затоа што дел од членовите кои веќе имаа претходно закажани обврски, со цел да се обезбеди кворум, учествуваа онлајн и се вклучија во расправата и гласаа“.

    Вчера најголемиот дел од денеска заминатите порано членови на Советот, сакаа да ја разрешат претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, не дека не доаѓала на работа, туку дека не доаѓала на седници, како што тие не дојдоа денеска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира