Фармацевтите, лекарите и пациентите да пријавуваат несакани дејства од лековите, рече претседателката на Фармацевтската комора Бистра Ангеловска, на одбележувањето на Светскиот ден на фармацевтите -ч 25 Септември, кој годинава се одбележува под мотото „Безбедни и ефективни лекови за сите“.
Таа рече дека годинава го избрале ова мото за одбележување на овој ден, за да се промовира улогата на фармацевтите во заштитата и безбедноста на пациентите преку подобрување на употребата на лекови и намалување на медицинските грешки.
Фармацевтската комората нема точен податок колку несакани дејства од примена на лековите се пријавени во Агенцијата за лекови и медицински средства.
„Секој, дури и најмал сомнеж треба да се пријави кај матичниот лекар, кај фармацевтот или на интернет страницата на Агенцијата за лекови и медицински средства. За жал, кај нас многу малку се пријавуваат несакани дејства на лекови, како што е во светот. Тоа е многу важно, бидејќи некогаш од пријавувањето на несаканото дејство може да се промени и индикацијата за примена на одреден лек, како и за тоа какви совети да даваме како да ги комбинираат со други лекови“, рече Ангеловска.
На новинарско прашање дали Фармацевтската комора е запознаена со планот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) од следниот месец при подигање на лек на рецепт да се бара приложување лична карта бидејќи се укинуваат квотите на аптеките, а дека во иднина планира да се воведат и читачи на лични документи во аптеките, Ангеловска рече дека со Фондот се во постојан контакт и немаат такво известување.
„Разгледуваме неколку варијанти како може да се контролира издавањето лекови и не би сакала да ги откривам за да не го нарушам тој процес. Но, вакво нешто официјално од Фондот не сме добиле. Сметам дека нема никаква логика да се бара лична карта. Мора да има контрола на издавање и употребата на лекови, бидејќи пациентот кој ќе се разболи од несоодветна примена на лековите пак се лекува на сметка на Фондот“, рече Ангеловска.
Е. БОЧВАРОСКА