По синоќешното апсење, Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при ОЈО ГОКК, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на МВР, Оддел за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 13 полициски службеници, под сомневање дека директно придонеле да се случи катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март.
„Во конкретниот случај постои основано сомневање дека во период од 14.03.2025 година до 16.03.2025 година, на територијата на СВР Штип, осомничените како службени лица сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност. Имено тие како соизвршители, не постапиле според прописите за мерките за заштита – одобриле План за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на ПС Кочани, без да проверат дали планот ги има опфатено сите проверки во надлежност на МВР и дали се запазени одредбите од Стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење на полициски работи. По овој план, кој бил изготвен врз основа на претходно изготвени планови, без било какви измени, било постапено, и на 16.03.2025 година на место каде што биле собрани поголем број на луѓе – кабаре ‘ПУЛС’, не преземале мерки да спречат активирање на пиротехничка опрема на сцената каде настапувала музичката група ‘ДНК’ во моментот кога ја вршеле контролата, чие палење не било пријавено во полициската станица Кочани, а од која пиротехника како последица настанал пожар во дискотеката, со што не преземале мерки за заштита за присутните лица во дискотеката, каде поради несоодветните услови за работа во текот на акциската контрола настанал пожар, и со тоа предизвикале настапување на смрт на 63 лица, а над 200 лица се здобиле со потешки и полесни телесни повреди и телесни повреди“, соопшти Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Имајќи ги предвид околностите, а заради непречено водење на кривичната постапка и заради обезбедување присуство на обвинетите, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка на Основниот Кривичен Суд Скопје предложил спрема осомничените да се определат мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи Судијата на претходна постапка, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, Забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка, како и Забрана за преземање на определени работни активности –полициски службеник.
Ова се актуелни полициски началници и други службеници. За разлика од нив, седум нивни колеги кои биле на функција години пред пожарот, беа веднаш уапсени и ним им е одредена мерка ефективен притвор.
С. К. ДЕЛЕВСКА