Судијката Татјана Михајлова денеска треба да го продолжи судскиот процес против поранешниот премиер Никола Груевски, обвинет за организирање на насилствата во општина Центар и за нарачка на шлаканици за градоначалникот Андреј Жерновски. Во овој процес обвинети се и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 12 нарачатели и извршители на насилствата.
Обвинителниот предлог против Груевски и останатите е поднесено уште на 15 септември лани. Тоа требаше да биде брз и економичен процес, но тој е уште во фаза на подготвително рочиште. Главната расправа уште не е почната. Во подготвителната фаза, развлечена во неколку рочишта, обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи предложи како доказ во постапката да се користат прислушуваните разговори за нарачувањето на насилствата и побара да се сослуша сведок чиј идентитет би го знаела само судијката Михајлова. Но Михајлова, по приговорот од адвокатот на Груевски, Никола Додевски, ги одби предлозите на Фетаи.
На минатото рочиште, кое се одржа на 20 февруари, Михајлова не ја почна главната расправа затоа што им изрече казни на обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи од по 1.000 евра, вкупно за двете 4.000 евра, за навреда и според неа, за непочитување на Судот. Потоа го прекина судењето.
Јанева и Фетаи уште на почетокот бараа да добијат збор за да реагираат дека Михајлова во записникот од претходното рочиште направила груб фалсификат, поради што Јанева кажа дека ќе покрене кривична пријава за фалсификат и за други кривични дела против неа. Фетаи објасни зошто е нивната реакција и како Михајлова фалсификувала:
“Кога јас и одбраната се изјаснувавме по однос на употребливоста на незаконски следените комуникации, јавноста беше исклучена. Потоа, кога новинарите се вратија, судијата со тивок глас прочита дел од она што беше кажано од наша страна. Во записникот е наведена сосема обратна ситуација, дека јас сум се произнела во присуство на јавноста и дека јавноста била исклучена единствено во делот кога се слушале аудиоснимките, што не е воопшто точно“, кажа Фетаи на судењето.
Една од казните од Михајлова против Фетаи, во износ од илјада евра беше за изјавата: „Не сум дојдена судијке да ве видам колку сте убава“. Изјавата на Фетаи беше алузија на цитат на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која во бомбата на опозицијата за партиските вработувања, во разговор со тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски вели: „Не сме го стаиле зошо е најубав таму“ озборувајќи го тогашниот претседател на Судскиот совет Бранко Ушковски.
Вчера и претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски ги искара Јанева и Фетаи дека го прекршиле Етичкиот кодекс на јавните обвинители и на Јанева и препорача да ја тргне Фетаи од овој предмет. Препораката на Советот не е обврзувачка за Специјалната обвинителка, бидејќи според Законот за СЈО, таа има ексклузивно право да поставува и да повлекува јавни обвинители од предметите што ги води ова обвинителство.
С. К. ДЕЛЕВСКА