Министерството за образование и наука ја прифати мерката на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести за продолжување на зимскиот распуст за учениците, поради состојбата со грипот, јави агенцијата „Мета“. Со ова, и официјално, второто полугодие од учебната година наместо на 18 јануари, ќе почне на 23 јануари.
„Врз основа на сиот ризик што постои од грипот, предложената мерка е прифатлива за Министерството за образование и наука“, изјави денеска заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
Тој додаде дека МОН за одлуката денеска ќе ги извести сите училишта во државата, а двата дополнителни дена од зимскиот распуст (18 и 20 јануари) учениците ќе ги одработат во сабота за да се исполни вкупниот фонд од 180 наставни дена во учебната година.
Одработувањето на деновите најверојатно ќе биде во март и во април.
Продолжување на распустот, секојдневна дезинфекција на автобусите во јавниот градски превоз во Скопје и во другите градови со организиран јавен превоз и темелна дезинфекција на училиштата пред почетокот на второто полугодие од учебната година, се мерките за намалување на ширењето на грипот во земјава, што ги донесоа Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.