Следи долга и напорна работа за деполитизација и департизација на јавната администрација, но Франција и во иднина ќе помага во македонските реформи, рече францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, пред почетокот на завршната конференција „Како понатаму? Реформите на јавната администрација по Европскиот совет“.
Тој кажа дека досега е направена одлична работа со пребројување на јавната администрација.
„Оваа дебата е многу важна и е поврзана со најновите одлуки на Советот на Европа. Од минатиот октомври се фокусиравме на реформите кои беа направени. Завршена е квалитетна работа со пребројувње на јавната администрација, а сега следи имплементација на критериумите за деполитизација и она што ние во Франција сакаме да го наречеме департизација. Тоа е долга и напорна работа. Франција и во иднина ќе помага во македонските реформи“, рече Тимоние.
Тој рече дека во Париз имале состанок со високи претставници на македонските власти на завршниот семинар по ова прашање.
„Ние веќе во 2000 година ја почнавме нашата соработка со вишата школа за администрација. Трпеливи сме и претходно усвоените реформи во Париз ќе бидат усвоени во Секретаријатот за европски прашања на македонската влада. Патеката е доста долга, но е сигурна“, рече Тимоние.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на прашањето колкава треба да биде јавната администрација рече:
„Јас сум најмалку тој што треба да каже, но тоа е еден од проектите, кои што ги работиме со ЕУ за реорганизација на јавната администрација. Кон крајот на оваа година ќе имаме подетални информации, кои ќе ги споделиме со јавноста“.
Тој кажа дека влегуваат во реализација на двата големи проекти за реорганизација и деполитизација на јавната администрација, преку стратегијата за реформа на администрацијата и законот за висока раководна структура.
Љупчо Петковски, извршен директот на „Евротинк-Центар за европски стратегии” рече дека нашата држава не доби датум за преговори во јуни, но многу е извесно да добие во октомври. Тој рече дека од нас зависи дали ќе ја средиме јавната администрација, а не само од поттикот однадвор. На новинарското прашања колку според него треба да биде бројот на вработени во администрацијата, тој рече:
„Мислам дека прашање на бројки не е единственото важно прашање кога станува збор за јавната администрација. Ако ја споредиме државата со Словенија ќе забележиме дека Словенија има голема јавна администрација и јавен сектор, но има и бесплатни добри услуги, добро образование, социјална држава. Прадоксална е ситуацијата. Во некои клучни сектори има премалку вработени, во некои не толку клучни сектори има премногу вработени. Повеќе е прашање на баланс“, рече Петковски.
Според проценките на невладините организации кои ги следат реформите во јавната администрација има клучни сектори каде недостига јавна администрација, а превработеност во други.
„Најголема работа што е направена е усвојување на стратегијата за реформата на јавната администрација која важи четири години, една година помина, помина времето на консолидација, сега треба да дојде времето на резултати“, рече Љупчо Петковски, извршен директот на „Евротинк-Центар за европски стратегии”.
Е. БОЧВАРОСКА