Од понеделник (11 март) ќе биде забранет прием во градинките на деца кои не се се вакцинирани или се нецелосно вакцинирани со ДиТеПер вакцината, соопшти Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Оттаму велат дека денеска ја добиле одлуката од министерот за здравство Илир Демири врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести, која ја најави на 6 март, да изврши вонредни инспекциски надзори и забрани прием на деца во предучилишни установи кои не се имунизирани со ДиТеПер или се нецелосно имунизирани со ДиТеПер.
„Вонредните инспекциски надзори ќе започнат во понеделник на 11 март со издавање на Решение за забрана на прием на деца кои не се имунизирани со ДиТеПер или се нецелосно имунизирани со ДиТеПер, и други наложени епидемиски мерки. Исто така ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со ДиТепер. Да не се примаат деца со други инфективни заболувања, како и за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје“, соопшти ДСЗИ.
Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари прогласи епидемија на ниво на Град Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести. Од тогаш се бараат вакцинални потврди, но до денес немаше забрана за прием на невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца.
Министерот за здравство на 6 март кажа дека ги прифаќа препораките на Комисијата за заразни болести (КЗБ) за спречување на ширењето на голема кашлица (пертусис) и дека ќе донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди во градините за примена вакцина против голема кашлица.
Б. НЕСТОРОСКА