ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ И НАТАМУ СЕ МЕЃУ НАЈРАНЛИВИТЕ ШТО ПРОПУШТААТ КВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ, ВЕЛИ УНИЦЕФ

    ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ И НАТАМУ СЕ МЕЃУ НАЈРАНЛИВИТЕ ШТО ПРОПУШТААТ КВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ, ВЕЛИ УНИЦЕФОд инклузивната танцова претстава „Пат околу светот за 80 минути“, организирана од студиото за танц „Еурека“ за 3 декември, Меѓународен ден на попреченост. (Фото: МОН) По повод 3-ти декември - Меѓународниот ден на лицата со попреченост, имавме чест да присуствуваме на

    Децата со попреченост и натаму се меѓу најранливите деца што пропуштаат квалитетно образование, вели УНИЦЕФ во чест на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

    Според новиот извештај на УНИЦЕФ за политики на инклузивното образование во земјава, во изминатите четири години,  по усвојувањето на Законот за основно образование (2019),  бројот на ученици со попреченост кои посетуваат редовни основни училишта е двојно зголемен, пораснувајќи од четири ученици по училиште во просек во учебната 2019/20 година на девет ученици по училиште во учебната 2023/24 .

    „Инклузивното образование не е само стратешки пристап, тоа е заложба за правичност и квалитет во образованието. Кога децата со попреченост учат во иста училница со другите деца, имаат корист сите деца, како и пошироката заедница, преку негување култура на прифаќање и различност. Овој Меѓународен ден на лицата со попреченост, земјата треба да биде мотивирана од досегашниот напредок и да ги забрза реформите за да допре до секое дете“, рече Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.

    Извештајот за политики и програми е изработен со помош на податоци од национално истражување и од административни податоци. Тој посочува дека 96% од основните училишта во кои одат деца со попреченост имаат инклузивни тимови; поголемиот дел (68%) имаат ресурсни простории и пристапни рампи, а 60% имаат дефектолог. Освен тоа, бројот на образовни асистенти е удвоен од 500 во 2021 година на 1020 во 2024 година, што одразува цврста посветеност кон индивидуализирана поддршка.

    „И покрај овие достигнувања, потребни се континуирани напори за решавање на бариерите, стигмата и потребата од услуги за поддршка на децата со попреченост. На овој Меѓународен ден на лицата со попреченост, ја повикуваме земјата да остане посветена на инклузивно образование за секое дете, давајќи им приоритет на следните активности, како на на пример формирање на барем еден Центар за поддршка по основно училиште во секоја општина, кој ќе служи како централна точка за образовна поддршка. Центарот за поддршка ќе им овозможи на децата со попреченост да учествуваат во модифицирани програми во своето училиште, комбинирајќи часови и активности заедно со нивните врсници, а приспособени кон нивните индивидуални потреби. Исто така, законите за средно и стручно образование треба да се ревидираат за да се зајакне инклузијата и поддршката за учениците со попреченост.
    Воведување задолжителна обука за идните наставници во текот на додипломското образование за да се оспособат со вештини за поддршка на индивидуалните потреби на секое дете, вклучувајќи ги и оние со попреченост“, вели УНИЦЕФ.

    Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, се подготвува промена на моделот на инклузивно образование – секој родител согласно функционалната проценка (по Меѓународната класификација на функционирање) и заедно со стручни лица ќе може да одлучи дали неговото дете ќе учи во редовно или посебно училиште со ресурсен центар.

    „Но, без разлика во кое училиште ќе оди, Министерството за образование и наука има за цел да обезбеди приспособена поддршка која одговара на индивидуалните потреби и аспирации на секое дете.
    Работиме на континуирано зголемување на бројот на образовни асистенти. Оваа училишна година во наставата во основните училишта вклучивме над 1000 стручни лица, најмногу досега. Новиот Закон за средно образование кој ќе биде донесен на почетокот на 2025 година, предвидува образовни асистенти и во средните училишта. Исто така ја продолжуваме поддршката за наставниците преку обуки, за да можат квалитетно да одговорат на барањата на децата со посебни потреби. Во рамки на буџетските можности, ќе ги подобриме уловите во училиштата со ресурсен центар, откако претходно на терен ќе ја утврдиме состојбата во секое училиште посебно. Тоа значи соодветна асистивна технологија и опрема, што ќе им помага и ќе ја зголеми независноста на учениците со посебни образовни потреби“, рече Јаневска во чест на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира