ДЕТСКАТА ОРТОПЕДСКА КЛИНИКА „МАЈЧИН ДОМ“ ПРОПАЃА, МИНИСТЕРСТВОТО НЕ ПЛАНИРА ДА ГО САНИРА

    ДЕТСКАТА ОРТОПЕДСКА КЛИНИКА „МАЈЧИН ДОМ“ ПРОПАЃА, МИНИСТЕРСТВОТО НЕ ПЛАНИРА ДА ГО САНИРАОд Министерството за здравство велат дека не планираат санација на објектот оти на негово место ќе градат нова болница и велат дека сѐ уште е рано да кажат кога ќе почнат градежните работи и колку тоа ќе чини. (Фото: СДК.МК)

    Стационарот во Ортопедската клиника за деца „Мајчин дом“ во скопската општина Аеродром не функционира подолго време. Тој е запуштен и оставен да пропаѓа, а не е во употреба и салата за операции. Во функција се само амбулантскиот дел, каде што се вршат превентивни прегледи на бебиња, како и центарот за болка, каде што се изведуваат вежби за децата со потешкотии во развојот.

    Родителите чии деца одат на физикални вежби во „Мајчин дом“ велат дека и во делот за вежби сè е запуштено и дека мора од дома да си носат подлоги за вежбање, бидејќи центарот не располага со основни средства за работа.

    Раководителот на Клиниката за ортопедија, која е дел од Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија и Ургентен центар д-р Виктор Камнар, вели дека стационарот и хируршката сала во „Мајчин дом“ не работат веќе седум-осум години и дека сега таму состојбата е толку лоша што не може да се користи ниту салата, ниту стационарот.

    „Операциите на децата ги правиме на Клиниката за ортопедија, а тука имаме две соби за деца, во кои може да се сместат од 10 до 12 деца. Сега ‘Мајчин дом’ не може да се користи оти целиот е пропаднат и кровот е пропаднат. Превентивните прегледи за бебиња се одвиваат без пречки, како и делот со вежбите“, вели д-р Камнар.

    Тој вели дека за сите овие години здравствените власти не направиле напор да го стават во функција овој дел, а дека сега по најавите од Министерството за здравство дека таму ќе прави нова болница, работите се оставени такви какви што се. Според него, ако се стави овој стационар во употреба ќе се обезбеди простор за хоспитализација на 50 пациенти.

    „Кога е граден овој објект бил наменет за напуштени деца, односно деца без родители, како што е оној во Битола. Во 1980-те години станува дел од Ортопедската клиника и таму се згрижувани и оперирани децата, а на Клиниката возрасните. Сега работите се такви какви што се и децата ги оперираме на Клиника“, вели д-р Камнар.

    Стационарот во детската ортопедска клиника „Мајчин дом“ не се користи веќе седум-осум години, оставен е да пропаѓа. Една од собите на горниот кат каде што, според раководителот на Клиниката за ортопедски болести д-р Виктор Камнар, може да се сместат 50 пациенти (Фото: СДК.МК)

    Од Министерството за здравство велат дека не е планирана санација на постоечкиот објект и дека во делот каде се вршат прегледи на пациентите има услови за работа. Министерството летово распиша оглас за изработка на идејно решение за изградба на болница, каде што треба да се префрли Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, бидејќи зградата е стара и неодржувана.

    Во меѓувреме, парцелата до „Мајчин дом“, која е продадена на приватен инвеститор беше оградена како градилиште и таму ќе се гради голема станбена зграда.

    Според планот на Министерството за здравство, новата болница треба да биде висока 18 метри, со приземје и четири ката. Површината за градба е 3.728 метри квадратни со бруто развиена површина од 18.640 метри квадратни, со процент на искористеност од 49 отсто. Сообраќајниот пристап до болницата е решен од два крака, односно од булевар Васко Карангелевски и булевар Јане Сандански.

    „Сѐ уште е рано да одредиме точен термин за почнување на градбата. Веќе разгледуваме можности за неколку места во здравствените институции во Скопје каде би се префрлил делот за превентивни прегледи и вежби за физикална терапија кога ќе почне изградбата на болницата“, велат од Министерството за здравство.

    Од Министерството не кажуваат ни колку пари се предвидени во буџетот за 2019 за изградба на новата болница кај „Мајчин дом“.

    „Сумата за изградба на болницата ќе зависи од начинот на кој ќе се финансира изградбата“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира