ДЕВЕТВАЛЕНТНАТА ВАКЦИНА ПРОТИВ ХПВ ЌЕ ДОЈДЕ СЛЕДНИОТ МЕСЕЦ, МОЖЕ ДА ЈА ПРИМАТ И МОМЧИЊА НАД 12 ГОДИНИ

    ДЕВЕТВАЛЕНТНАТА ВАКЦИНА ПРОТИВ ХПВ ЌЕ ДОЈДЕ СЛЕДНИОТ МЕСЕЦ, МОЖЕ ДА ЈА ПРИМАТ И МОМЧИЊА НАД 12 ГОДИНИМинистерот за здравство Илир Демири и националната координаторка проф. д-р Александра Грозданова на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Од следниот месец во Македонија на вакциналните пунктови ќе биде достапна деветвалентната вакцина против ХПВ, најавија денеска министерот за здравство Илир Демири и претседателката на Националниот комитет за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова.

    Д-р Грозданова кажа дека во Македонија вакцината се користи од 2008, а од 2009 е воведена во Календарот за задолжителна имунизација, кој со оваа вакцина се осовременува. Досега се користеше четиривалентната, а сега е надополнета со пет серотипови, со кои, вели таа, се зголемува ефикасноста на оваа вакцина.

    Вакцината, според Календарот, може да ја примат и момчиња и девојчиња на возраст од 12 до 15 години, а ако се задоцни, може најдоцна да се прими до 18 години, т. е. до крајот на средното образование. Ако се прими на возраст од 12 до 15 години, се дава во две дози, а после 15 години во три дози.

    Според Демири, со оваа вакцина ќе се понуди поквалитетна превенција од ХПВ инфекции, за преканцерозни лезии, како за карцином на грлото на матката.

    „Апелирам секое дете да биде вакцинирано. Подобро да спречиме отколку да лечиме“, рече министерот.

    Според извештајот од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), вкупниот опфат со две дози вакцина против заболувања од ХПВ во земјата изнесува 52, 5 отсто. Покриеност од 100 отсто има само во шест општини: Демир Хисар, Свети Николе, Кочани, Делчево, Кратово и Валандово. За нискиот опфат на вакцинација, министерот Демири кажа дека после изборите се планираат законски измени, како на пример, да не може да се вработи здравствено лице без примени вакцини и поголема одговорност за родителите кои не ги вакцинираат децата.

    Набавени се 70 илјади дози на деветвалентната ХПВ вакцина за следните три години.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира