ДОКАЗИ НА СЈО ПРИФАТЕНИ ВО ИСТРАГАТА, СУДОТ СЕГА ГИ ОДБИВА

    ДОКАЗИ НА СЈО ПРИФАТЕНИ ВО ИСТРАГАТА, СУДОТ СЕГА ГИ ОДБИВАСпецијалното јавно обвинителство на прес-конференцијата на 23 март презентираше 4 случаи, меѓу кои и „Триста“. - Специјалните обвинителки Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи (Фото: СДК.МК)

    Разговорите од хард дискот кој што СДСМ му го предаде на Специјалното јавно обвинителство, во делот за предметот „Триста“, за злоупотреби при набавките на возила за МВР, Основниот суд Скопје 1 ги одбил како доказ. Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, судиите кои работат на оценка на 17-те обвиненија што ги поднесе СЈО, ќе ги одбијат сите приложени прислушувани материјали на цеде, освен за „Тврдина“ и „Таргет“, единствените предмети каде не се приложени копии од прислушувани разговори.

    СЈО најавува жалба на решението со кое разговорите што ги дале на цеде како доказ, се издвојуваат од постапката, бидејќи тоа не кореспондира со Законот за Специјалното јавно обвинителство.
    „Едно е кога се издвојуваа, односно отфрлаа прислушуваните разговори кога немаше Закон. Сега надлежноста на Специјалното обвинителство се утврдува само врз основа на содржината на тие разговори. Излегува дека во истрагата Основниот суд Скопје 1 ни ги бараше снимките од прислушуваните разговори за да види дали сме надлежни, а сега бара да не се прифатат истите тие разговори како доказ. Како ќе цени судот дали сме надлежни за обвиненијата ако ги издвојува доказите?“, прашуваат во Специјалното јавно обвинителство и најавуваат дека ќе бараат да разјасни повисокиот суд, зошто сега се минира законскиот основ на СЈО да ги води судските постапки.

    Дали ќе се прифати или одбие обвинението за „Триста“, каде главен обвинет е помошник-министерот за внатрешни работи Ѓоко Поповски, нема одлука. Само доказите се издвоени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира