ДОКТОРКАТА КОЈА ТВРДИ ДЕКА ТОНИ ТРАЈКОВСКИ ИМА ПСИХИЧКИ ПРЕЧКИ ДА ГО СЛЕДИ СУДЕЊЕТО ЗА „ТНТ“, ГО СПАСИ ВОЈО МИХАЈЛОВСКИ ОД ПРИТВОР ВО 2005

    ДОКТОРКАТА КОЈА ТВРДИ ДЕКА ТОНИ ТРАЈКОВСКИ ИМА ПСИХИЧКИ ПРЕЧКИ ДА ГО СЛЕДИ СУДЕЊЕТО ЗА „ТНТ“, ГО СПАСИ ВОЈО МИХАЈЛОВСКИ ОД ПРИТВОР ВО 2005Дијагнозата на обвинетиот Тони Трајковски не беше соопштена на последното рочиште за „ТНТ“. (Фото: К. Попов)

    Професорката невропсихијатар Викторија Вујовиќ в понеделник на судењето за „ТНТ“ ќе мора лично да образложи пред судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани какви психички пречки има обвинетиот ексградоначалник Тони Трајковски што не може да доаѓа и да го следи судењето.

    „За главната расправа насрочена на 20.01.2020 година Судот ја повика докторката – професор од овластената клиника, која на обвинетиот Тони Трајковски му издаде медицинска документација дека има здравствени проблеми и не може да ја следи расправата. Со цел утврдување на фактичката состојба, доследно почитување на правата на странките во постапката, како и јавниот интерес за предметот, судот ќе ѝ овозможи на докторката јавно да ја образложи здравствената состојба на обвинетиот и причините за неговата спреченост да присуствува на судењето, за што таа веќе има издадено соодветна документација“, соопшти Кривичниот суд.

    На Вујовиќ нема да ѝ биде првпат да образложува дијагноза и боледување на обвинет поранешен висок функционер, што таа го напишала.

    На 19 септември 2005 година, по нејзино сослушување од страна на Кривичниот суд, тогашниот обвинет ексдиректор на Фондот за здравство Војо Михајловски од ВМРО-ДПМНЕ, избегна мерка притвор. Но, доби и одлагање на судските рочишта за низата злоупотреби што ги вршел како директор на оваа важна институција, со кои државата беше оштетена за неколку стотини илјади евра.

    Вујовиќ тогаш ги убеди судиите дека Михајловски боледувал од психичка болест поради која бил на едномесечно боледување. Според психијатрискиот наод, Михајловски боледувал од агитирана манична симптоматологија.

    Михајловски во 2009 година беше осуден на 4 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување како директор на Фондот за здравство во времето кога премиер беше Љубчо Георгиевски. Тој беше и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

    На Трајковски таа му даде за почеток 15-дневно боледување. Дијагнозата на вчерашното судење не беше соопштена, само адвокатот Јовица Страшевски рече дека тоа на клиентот му било последица од напад на крајот на декември 2019 година што го извршил непознат сторител врз него.

    Со смена на адвокат Македонец со адвокат Албанец кој бараше превод на албански јазик на целиот предмет „ТНТ“, со недоаѓање поради физички напад на Трајковски, а сега и со психички последици од физичкиот напад од непознат сторител, обвинетите и адвокатите не само што успеаја да го вратат двегодишно судење на почеток и да ги избегнат пресудите, туку и да го отежнуваат и новиот почеток на судењето.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира