ДРЖАВАТА ИСПИТАЛА ДНК НА 120 ЛИЦА КОИ НЕМААТ НИКАКОВ ДОКУМЕНТ ДЕКА ПОСТОЈАТ

    ДРЖАВАТА ИСПИТАЛА ДНК НА 120 ЛИЦА КОИ НЕМААТ НИКАКОВ ДОКУМЕНТ ДЕКА ПОСТОЈАТЕдна река - два света - импровизираната ромска населба покрај Вардар под скопско Кале позната како Полигон, од каде лани во август беа протерни жителите, но по кусо време пак се вратија (Фото: Ѓ. Личовски)

    За 120 лица за кои се претпоставувало дека се државјани на Република Македонија, државата направила ДНК анализа за да го утврди нивното потекло и сродство. Ниту една институција во земјава нема официјална бројка колку лица немаат извод на родени, односно матичен број, но невладините организации до сега идентификувале околу 500 лица кои што се соочуваат со овој проблем и немаат никакви документи.

    Од Министерството за труд и социјална политика  велат дека во моментот работат на утврдување на пристап преку кој што ќе се дојдат до такви податоци.

    „Во иднина е потребен погoлем ангажман од Управата за водење на матична книга на родени и МВР со цел да се утврдат лицата кои што се соочуваат со овој проблем. Управата за водење на матична книга на родени е потребно да ги прими сите барања за дополнителен упис без разлика дали лицата кои што се соочуваат со овој проблем ги поседувата потребните докази или не. На тој начин веруваме дека ќе дојдеме до приближна броја на предмети. А потоа да се пристапи кон поединечно решавање. Во тој процес неизбежно е промената на одредени закони, Законот за евиденција на лица во матична книга на родени како и донесување на закон за вонпарнична постапка за да може лицата самостојно во судска постапка да се утврдуваат со помош на двајца сведоци, место и време на раѓање“, велат од Министерството.

    ДНК анализите, што ги плаќа Министерството за труд и социјална политика, треба да го утврдат фамилијарно сродство на лицата, односно ако станува збор за деца да се потврди кои се нивните родители или ако се возрасни, нивните најблиски роднини. Врз основа на ДНК анализата тие ќе бидат по првпат запишани во Матична книга на родени, ќе добијат матичен број и пристап до образование, здравство, вработување, домување, социјална заштита.

    “Во неколку наврати Ромски невладини организации, Управата за водење на матични книги, Центрите за социјална работа како и сами граѓани кои се соочуваат со овој проблем се обратија до Министерството за труд и социјална политика за превземање на конкретни чекори во оваа насока, особено за поддршка на ДНК анализа за утврдување на крвно сродство со членовите од фамилијата кои што поседуваат важечки документ за идентификација – најчесто мајката. Затоа Министерството за труд и социјална политика како координатор на акцијата во соработка со Управата за водење на матични книги и со Министерството за внатрешни работи,  секоја година планира средства во рамки на Стратегијата за Ромите во Македонија за поддршка на оваа категорија на лица и со тоа учествуваме во решавање на овој проблем”, велат од Министерството за труд и социјална политика.

    Се претпоставува дека околу 20 илјади луѓе се соочуваат со овој проблем во Југоисточна Европа. Низ светот, пак, има 12 милиони луѓе кои немаат националност или државјанство, поради што не можат да ги остварат своите права.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира