Државата ќе го конфискува нелегално изградениот објект на државно земјиште на спортскиот аеродром Стенковец. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски денеска кажа дека оваа одлука е донесена во координација со Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат и Аероклубот на спортскиот аеродром Стенковец.
„Имајќи предвид дека објектот е целосно нелегално изграден на државно земјиште, надлежните органи одлучија да се обратат до Обвинителството и судот и да побараат целиот објект да се конфискува во корист на државата, со цел истиот да може го користи Агенцијата за цивилно воздухопловство за тренинг на пилоти и други потреби“, напиша Николоски на својот фејсбук профил.
Министерството за транспорт и врски е надлежно за објекти од прва категорија, како што се аеродроми, болници за третман на терциерна здравствена заштита, градби за високо образование, спортски сали, стадиони и други државни инфраструктурни објекти.
Од Аероклубот Скопје вчера соопштија дека поднеле кривични пријави против поранешниот управител оти на диво градел ресторан и побараа државата наместо да го урива, да го пренамени објектот. Тие велат дека за изградбата имало и донација од 100.000 евра од Европската Унија.
„Како совесни граѓани и содружници во Аероклуб Скопје ДОО, во 2025 година поднесовме две кривични пријави против поранешниот управител Дејан Саздовски, за сторени кривични дела Бесправно градење и Злоупотреба на службена должност. Објектот ресторан на спортскиот аеродром Стенковец, Дејан Саздовски го изградил без градежна дозвола на државно земјиште и без соодветна одлука на содружниците на Аероклуб Скопје. Европска Унија дала 100.000 евра донација за изградбата. Република Македонија законски може и треба да го заплени објектот вреден 1 милион евра“, се вели во соопштението на аероклубот.



