Амбасадата на Германија и Хајделберг институтот за бизнис и менаџмент во Скопје промовираа нов образовен проект, кој ќе овозможи додипломски и специјалистички студии по примерот на државните дуални универзитети во Германија. Наречен Хајделберг факултет во Скопје, ова е првпат во земјите од Западен Балкан да се основа германска високообразовна установа за додипломски и специјалистички последипломски студии во областите на податоци и компјутерски науки, банкарство, осигурување и контролинг.
„По сите потешкотии во изминатите години, заклучивме дека е вистинско време да се направи еден мост и преку Хајделберг институтот во Скопје, кој постои повеќе од четири години, да се внесе државниот дуален универзитет од Манхајм во Македонија“, изјави Синиша Наумоски, претставникот на управата на Хајделберг институтот.
Тој додаде дека беше формирана работна група, преку која на крајот на минатата година почна процесот на имплементација на германските дуални студии во Скопје.
„Амбасадата на Сојузна Република Германија активно ќе поддржува секоја иницијатива за подобрување на македонскиот образовен систем, особено кога ќе се врши трансфер на знаења и практики од најдобрите универзитети/школи во Хајделберг, Манхајм и Франкфурт“, изјави заменик-амбасадорот Ото Граф.