ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ КОЦЕВСКИ ЛИЧНО ОФОРМИЛ ПРЕДМЕТ ПО ИЗЈАВИТЕ НА МИЦКОСКИ ДЕКА ВО 2020 БИЛ ФИЗИЧКИ СЛЕДЕН СОСЕ СОПРУГАТА И ДЕЦАТА

    ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ КОЦЕВСКИ ЛИЧНО ОФОРМИЛ ПРЕДМЕТ ПО ИЗЈАВИТЕ НА МИЦКОСКИ ДЕКА ВО 2020 БИЛ ФИЗИЧКИ СЛЕДЕН СОСЕ СОПРУГАТА И ДЕЦАТАКоцевски лично го известил премиерот дека веднаш оформил предмет за проверка на изнесените тврдења. (Фото: СДК.МК)

    Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски согласно своите законски овластувања веднаш по изнесените наводи за незаконско следење на премиерот Христијан Мицкоски во 2020 како лидер на опозициска партија, отворил предмет по допрен глас. Предметот веќе е даден на постапување на надлежно обвинителство за да ги испита наводите.

    Ќе се проверуваат тврдењата на премиерот дека не само тој, туку физички биле следени и неговата сопруга, па дури и двата сина, како малолетни лица.

    „Имајќи предвид дека се работи за сензитивен карактер на пласираната информација, обвинителството ќе ги преземе сите неопходни активности преку надлежни органи за да ги испита својствата на можни инволвирани лица и евентуалните инкриминирани дејствија“, кажа кабинетот на Коцевски.

    Мицкоски вчера на седницата за пратенички прашања во Собранието, повикувајќи се на декласифициран извештај на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), рече дека тогашните безбедносни служби измислиле извор, „Цилиндар“, кој до нив доставил информација оти бил организатор, нарачател и финансиер на параполициско- воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи.

    „Таква информација доставил некаде од почетокот на 2020 година, што е чудно оти коинцидира со изборите коишто тогаш се случуваат, во којашто вели, внимавајте, параполициско-воено вооружена формација составена од македонски радикални екстремни и националистички настроени државјани кои имаа за цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани за да издејствуваат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. И ова е многу интересно, нарачател и финансиер на оваа параполициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи, е професор д-р Христијан Мицкоски“, кажа премиерот и додаде дека тоа било покритие за тој и неговото семејство да бидат следени.

    Според него, следењето продолжило и оваа година.

    „Некаде во втората половина од оваа година, истиот овој извор ‘Цилиндар’ вели дека јас сум виден како пешачам со две женски личности на Водно. Во името на приватноста не сакам да ги кажам. Како што не е вистинита првата информација, така не е ниту оваа втората вистинита. И замислете, тие ми презентирале информации од мој политички интерес. А додека пешачам, изворот ‘Цилиндар’ мене ме покривал“, рече Мицкоски.

    Тврдеше дека и во 2021 година за време на локалните избори бил следен, но оти тогаш изворот го добил името „Џокер“. Тој извор рекол дека средбата на Мицкоски во манастирот „Св. Јован Бигорски“ со припадници на патриотско друштво не била случајна, туку средба остварена со цел нарушување на безбедноста и стабилноста на Македонија.

    Коцевски лично го известил премиерот дека веднаш оформил предмет за проверка на овие тврдења.

    „Инаку она што е интересно, од тоа што можам да го кажам и да го споделам со јавноста е дека овие списи, извештаи или како да ги наречам, дебрифинзи се креирани на почетокот на 2020 година, кога е изборна година. Замислете, една од безбедносните агенции, од оправдани причини нема да кажам која, располага со вакви информации, во која што јас инспирирам, финансирам и организирам вакви терористички структури, вооружени, а при тоа не го информира Министерството за внатрешни работи. И се поставува прашањето зошто не го информирала? Одговорот е јасен, затоа што тоа беше техничкиот период и тогаш технички министер беше господинот Наќе Чулев, зборувам во 2020 година. Ова било само начин, преку монтажа, да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент, ВМРО-ДПМНЕ“, рече денес Мицкоски на настан за презентација на резултатите од работата на МВР, на кој присуствуваше и обвинителот Коцевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира