ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ОБОЕНИ ВО СИНО ЗА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА АУТИЗМОТ, МЕЃУ 15.000 И 20.000 ЛИЦА ИМААТ АУТИСТИЧЕН СПЕКТАР НА НАРУШУВАЊА ВО ЗЕМЈАВА

    ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ОБОЕНИ ВО СИНО ЗА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА АУТИЗМОТ, МЕЃУ 15.000 И 20.000 ЛИЦА ИМААТ АУТИСТИЧЕН СПЕКТАР НА НАРУШУВАЊА ВО ЗЕМЈАВАСиноќа во 20 часот зградите на Владата, Македонската опера и балет, Археолошкиот музеј, општините Тетово, Битола и Охрид беа осветлени сино, како поддршка на лицата со аутизам (Фото:МИА)

    Се проценува дека во Македонија има околу 15 до 20.000 лица имаат аутистичен спектар на нарушувања според епидемиолошките студии на Македонското научно здружение за аутизам. Во светот, кај еден отсто од населението живее со аутистичен спектар на нарушувања, а во Европа проценките се дека се околу 7 милиони жители.

    Со резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации од 2007 година, 2 Април се одбележува како Меѓународен ден на аутизмот, и во знак на поддршка на лицата со аутистичен спектар на нарушувања денес светот се бои во сино.

    Синоќа во 20 часот во сино беа осветлени зградите на Владата, Археолошкиот музеј, МОБ, објектите на општините Тетово, Охрид и Битола во знак на солидарност со лицата со аутизам.
    Според Светската здравствена организација аутизмот е первазивно развојно нарушување кое се дефинира со постоење на ненормален или оштетен развој, кој се манифестира пред третата година од животот со карактеристичен облик на патолошко функционирање во сите три области на социјалните интеракции, во комуникациите и со повторувачко однесување.

    „Македонија нема свој регистар на лица со аутистичен спектар на нарушувања врз основа на кој ќе може да изготви стратегија за подобрување на местото на оваа група, како и акциски план за реализација на активностите. Потребно е зајакнување на соработката меѓу различни сектори и министерства за да се подобри состојбата на лицата со аутистично нарушување во сите сфери на секојдневниот живот и нивна интеграција во општеството. Грижата мора да биде насочена и кон семејствата, на семејствата им се неопходни поголема психо-социјалната поддршка и повеќе ресурси“, вели Наташа Станојковска-Трајковска, од Институт за дефектологија при Филозофски факултет.

    Таа објаснува дека аутизмот како специфична состојба, бара и задолжителен, континуиран, интензивен третман што ќе резултира со подобрување на целокупната состојба на децата, а раната детекција и третман позитивно влијаат на состојбата на децата.

    Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) заедно со меѓународната асоцијација „Аутизам Европа“ се приклучи во кампањата за одбележување на 2 април насловена како насловена „Нова динамика за аутизмот. I ∞ аутизам”.

    „Аутизмот е доживотна состојба и во сите земји-членки на ЕУ, а и надвор од неа, лицата со аутистичен спектар на нарушување се соочуваат со слични предизвици, како што се: навремена дијагноза, образование, здравствени услуги, домување и животна поддршка од страна на заедницата. Потребен е холистичен пристап за потребите на овие лица, кој членовите на МНЗА секојдневно го применуваат во нашите активности и проекти“, вели претседателот на МНЗА професор Владимир Трајковски.

    Официјалното видео за кампањата за поддршка на лицата со аутизам е направено од „Аутизам Шпанија“, членка на „Аутизам Европа“, а материјалите и стратегиите за поддршка на лицата со аутизам се преведени на повеќе од 14 јазици.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира