ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ СКЛУЧИЛЕ 144 ДОГОВОРИ ЗА ПОВЕЌЕБРОЈНИ ПРИВРЕМЕНИ ВРАБОТУВАЊА, МЕЃУ НИВ НЕМА НИТУ ЕДЕН ЗА МЕДИЦИНСКИ КАДАР

    ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ СКЛУЧИЛЕ 144 ДОГОВОРИ ЗА ПОВЕЌЕБРОЈНИ ПРИВРЕМЕНИ ВРАБОТУВАЊА, МЕЃУ НИВ НЕМА НИТУ ЕДЕН ЗА МЕДИЦИНСКИ КАДАРПоследен од 144-те склучени договори за привремено вработување е на Општина Липково, која прима 10 лица со средно образование. (архивска фотографија)

    Вкупно 144 договори за привремени вработувања за различен број работни места биле склучени од јануари до денес од страна на државни и јавни институции, меѓу кои нема ниеден договор за ангажирање медицински персонал, макар и како привремено вработување.

    Се трошеле пари, односно се вработувало привремено, од министерства и општински комунални претпријатија, до библиотеки и градинки. Во меѓувреме, секојдневно се објавуваат нови огласи, се вдомуваат партиски кадри, а за волонтерите кои со години работат беспари во битолската болница, никаде нема оглас. Тие ја подигнаа јавната свест за она што се случува во болницата пред околу 20 дена за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски и министерот Сашо Клековски во Клиничката болница во Битола, кога граѓанин пријде и пред камерите го праша премиерот што ќе се случи со волонтерите кои со месеци работат без надомест.

    Тој не одговори.

    До Министерството за финансии е доставено ново барање за согласност, но дали и колкумина од нив ќе добијат работа, не се знае. Станува збор за 70 лица, медицински и немедицински персонал, кои веќе осум месеци работат без никаков надомест. До крајот на минатата година тие работеа со договор на дело, но не беше добиена согласност за нивно вработување.

    Но, во меѓувреме се намножија националните координатори во Владата, кои се измислени места со по 2.000 евра плата. Кој како губи функција или трчал на избори, се назначува за национален координатор за нешто. Последни именувани се обвинетиот Шабан Салиу и разрешениот министер Зоран Љутков.

    Вчера Министерството за земјоделие објави оглас за вработување 23 службеници.

    Последен од 144-те склучени договори за привремено вработување е на Општина Липково, која прима 10 лица со средно образование.
    Вработувале: ЈКП Гази Баба, Државен завод за статистика, Дом за стари лица – јавна установа, ЈП за изградба и одржување на јавен простор за паркирање, уредување и организирање на јавен локален превоз на патници во општина Битола, ЈСП Струмица транспорт, ЈУДГ 25 Мај, потоа ЕЛС Општина Прилеп, Општина Росоман, Општина Битола, Општина Крушево, Македонска Каменица, Теарце, Јегуновце, ЈКП на Радовиш и речиси сите преостанати општини во Македонија.

    Привремени вработувања направиле и Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделие, Министерството за дигитална трансформација, ЈП Улици и патишта, многу јавни комунални претпријатија од цела Македонија, ГТЦ Скопје, ЈП Комуналец Битола, неброени основни училишта, градинки…

    Натаму, загубарот АД за производство на електрична енергија „Електрани на Северна Македонија“ во државна сопственост – Скопје, вработи 10 извршители. Вработувале и Државниот завод за индустриска сопственост, Дрисла, Генералниот секретаријат на Владата.

    Меѓу склучените договори за привремени вработувања за 2026 година ги има и Собранието и Министерството за енергетика, само нема болници и други јавни здравствени установи, макар и за привремени вработувања.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира