Централното претседателство на ДУИ донесе одлука да учествува во новата влада, предводена од лидерот на СДСМ Зоран Заев, соопшти пред малку портпаролот на партијата Бујар Османи.
„Давањето потписи за добивање на мандатот за формирање влада истовремено подразбира поддршка за формирање ново парламентарно мнозинство и формирање нова влада во духот на Рамковниот договор и посветена на владеење на правото и интеграција во ЕУ и НАТО. Учеството на ДУИ во новата влада ја рефлектира волјата на албанскиот народ искажана на изборите на 11 декември и има за цел исполнување на програмата ветена пред изборите“, изјави Османи пред седиштето на партијата во Мала Речица.
Тој рече и дека ДУИ ќе бара целосно испитување на работата на партијата од нејзиното формирање во 2002 година до ден денешен под меѓународен мониторинг. Османи го повика претседателот Ѓорге Иванов да го додели мандатот за формирање влада на новото парламентарно мнозинство, потврдено со потписите од 67 пратеници.